Тринаесет убиени во затворски бунт во Еквадор

Најмалку тринаесет затвореници се убиени во бунт во затвор во еквадорскиот град Санто Доминго, соопшти еквадорската затворска управа SNAI.

Судирот на најверојатно припадници на ривалски банди се одиграл во затворот „Белависта“, во провинцијата Санто Доминго де лос Тсачилас, околу 80 километри западно од еквадорската престолнина Кито.

„За жал, персоналот од центарот досега извести дека 13 затвореници се мртви, а двајца се ранети“, објави SNAI додавајќи дека полицијата и вооружените сили ја преземаат контролата над затворот.

Власите затворското насилство го припишуваат на борбите меѓу ривалските банди, коишто настојувањата за контрола над територии и рути за трговијата со наркотиците често ги префрлаат и во затворите.

„Станува збор за нов бунт, и покрај фактот дека владата уверуваше дека сѐ е под контрола“, наведува локалниот весник Tiempo Real.

Имено, во споменатиот затвор во мај годинава настрадаа 44 затвореници во судирот меѓу ривалски банди. Во текот на тој бунт побегнаа 220 затвореници, но наскоро сите беа приведени.

Минатата 2021 година 316 затвореници смртно настрадаа во текот на безредија во разни затвори ширум Еквадор.

Судирите, често исклучително насилни и свирепи, се секојдневие во еквадорските затвори. Според податоците на власите, ривалските банди на трговци со наркотици начесто контролирани од мексиканските нарко-картели, водат војна за контрола и над пренатрупаните затвори.

Според официјалните податоци, во затворите во Еквадор се сместени околу 33.900, што е за 12,5 отсто повеќе од максималните капацитети на затворскиот систем во земјата.

Во текот на 2021 година во Еквадор се запленети 210 тони дроги, најчесто кокаин, а во првата половина од годинава околу 70 тони.