Трипуновски: Грчка „Секе“ подготвена да откупува македонски тутун

Трипуновски нагласи дека грчката компанија е многу познат преработувач на тутун, кој купува од Грција и од Бугарија. – Новина е што во Македонија ќе купува, освен ориентален, и крупнолисен тутун „Вирџија“ од Битолско. Компанијата ќе купи милион килограми тутун и има склучено договори со 1 500 кооперанти. Како инспекторат бевме максимално кооперативни, односно министерството и владата, се со цел оваа компанија да влезе на територијата на Македонија и да врши откуп на суров тутун. Тоа ќе значи поголема конкуренција во самиот откуп на тутунот и посигурен пласман на македонските земјоделци во оваа реколта 2016, и се надевам и во наредните 2017, 2018 и во иднина, рече Трипуновски.Годинашнава реколта тутун, посочи, е како ланската, на 13.000 хектари, и се очекуваат околу 25.000 тони тутун со солиден квалитет.

Според Контос, има интерес за македонскиот тутун на светските пазари.
-Тука наидовме на добри пријатели и соработници, искусни лица кои ни помогнаа и ни помагаат во остварување на нашите планови за работа. Во вашата држава знаеме колкава е важноста на тој продукт, има голем интерес на светските пазари за тутунот од Македонија, нам тоа ни е познато и имаме голем интерес за купување на тутунот од Македонија, вели Александрос Контос.

Грчката компанија „Секе“ во април годинава со локалните власти во Крушево потпиша договорот за земјиште во индустриската зона „Опаленик“ каде ќе гради фабрика за преработка на тутунот. Изградбата, според Контос, ќе почне по добивање дозволи за градба. Инвестицијата, како што рече, е четири милиона евра, а треба да бидат вработени 250 до 300 работници. До изградбата на халите, компанијата изнајми простор во Крушево.