Триста вратоврски за Харадинај, како протест за зголемувањето на неговата плата

Гневните жители на Косово обесиле во вторникот стотици вратоврски на оградата на зградата од владата во Приштина, откако премиерот Рамуш Харадинај двојно си ја зголеми платата објаснувајќи го тоа со тоа дека убавото облекување е дел од неговата работа.

Незадоволниците поставиле околу триста вратоврски во разни бои и форми, па дури и необична кошула, покажувајќи ја така својата разочараност од премиерот Рамуш Харадинај.

Тој го предизвика гневот на сонародниците со носење на одлуката со којашто неговата плата од 1.500 се зголемува на 3.000 евра месечно со што стана најдоброплатениот премиер во регионот.

Просечниот жител на Косово живее со само безначајно делче од споменатата сума, а невработеноста и сиромаштијата опфаќаат над 30 отсто од вкупното население.

Бранејќи ја одлуката, Харадинај во едно интервју од минатата седмица рече „Морам да носам вратоврска. Не можам да одам како кој и да е. Морам да имам кошула“.

Демонстрантите, пак, му порачаа на Харадинај дека „не смее да заборави дека ги претставува луѓето коишто немаа проблеми со вратоврските, туку со тоа што се сиромашни“, според изјавата на еден од водачите на протестот, Куштрим Мехмети.