Триумф на Васил Толевски во Црна Гора

Васил Толевски, нашиот најдобар сатиричар, е победник на 33-от фестивал „Денови на хумор и сатира Вуко Безаревиќ”, кој традиционално се одржува во Плевља (Црна Гора). Овој фестивал се смета за најголема манифестација на која учествуваат автори од бившите ЈУ-републики.

Нашиот сатиричар победи во најтешката категорија, за најдобра книга објавена меѓу двата фестивали. Оваа година Толевски конкурираше со неговата последна авторска книга „Пеколната рајска градина”, збирка од политички афоризми.

Толевски беше во најтесниот избор за награда и претходните години со неговите книги „Сува река” и „Исусовите антихристи”. Оваа година Васил Толевски слави 35 години творештво.

Васил Толевски е исклучително популарен автор во афористичарските кругови, исклучително посветен на политичкиот афоризам. Пишува остри критики на политичките чинители, но никогаш не посочува ликови или дела, поради што во нив може да се препознае секоја кому му е „мувата на капата”. Неговиот квалитет е овенчан со голем број награди, а како најзначајни се сметаат „Радое Домановиќ”, „Златен круг”, „Златна алка”. Интересен е податокот, а непознат за домашната сцена, дека во гласањето на афористичарите од Балканот, за најголемиот електронски портал Носорог од Бања Лука, Толевски беше прогласен за трет најдобар афористичар меѓу живите автори.

Има објавено преку дваесетина авторски книги и антологии, а застапен е и во Европската антологија на афористичари. Претежно објавува во Вечерни новости и Политика, како и во електронските портали низ Балканот. Преведен е на дваесетина јазици (српски, руски, турски, англиски, германски, италијански, полски, романски…).
Беше уредник во Студентски збор, Македонски остен, а беше уредник за текст во последната екипа на Остен.
Нашиот автор ќе настапи на Свечената завршна вечер, а со него ќе настапи и Миле Ѓорѓијоски од Делчево, исто така врвен балкански автор.
Љубителите на афоризмите на Толевски можат неговите „политички вратоломии” да ги најдат на порталот www.vasiltolevski.mk

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.