Трката по провизии за Заев и Филипче е поважна од набавката на вакцините и здравјето на граѓаните

Во Македонија денеска дојдоа информации од странски медиум зошто земјата е меѓу последните во светот според набавка на вакцините против коронавирусот и по имунизација на населението, според кои најновиот скандал во македонското здравство се случувал уште во декември 2020-та, истакна во средата на прес-конференција Антонијо Милошоски, пратеник и член на Извршниот комитат на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска, за жал, дознаваме дека трката по провизии била побитна од набавката на вакцини. Она што се обиделе во текот 2020-та година декември да го направат Заев и Филипче со вакцините е наместо да следат регуларна процедура за набавка на вакцини преку државните канали, е да ангажираат фантом фирма со регистрирана своја компанија во Хонгконг. Затоа нашето главно прашање кое е името на фантом фирмата којашто е регистрирана во Хонгконг и како министерството за здравство ја одбрало токму оваа компанија за да посредува при набавката на кинески вакцини“, рече Милошоски.

Потсети дека италијанскиот весник „Ла Верита“ објави дека првиот пат Кина одбила соработка со министерството за здравство и македонската Влада поради фактот што министерот за здравство побарало таа набавка да биде преку сомнителна компанија. Милошоски, исто така, потсети дека само неколку часа претходно во средата премиерот Заев на прес-коференција истакна дека таа приватна компанија била „Пауер Чајна“ односно „Синохидро“.

„Но според она што може да се види во регистарот на овие компании е дека ниту „Синохидро“, ниту „Пауер Чајна“ не се регистрирани во Хонг Конг. Ниту, пак истите важат за фантом фирми“, истакна Милошоски.

Поради тоа, Милошоски додаде дека, прашањето кое се поставува пред Заев и Филипче е како ја одбрале фантом фирмата од ХонгкКонг и зошто преку оваа фирма требало да оди набавката на вакцини, и дали била дадена банкарска гаранција, како и дали постои преддоговор со министерството за здравство.

„Она што е трагично во целата ситуација е што од декември 2020-тата година до денес поминати се речиси три месеци, во тие три месеци во Македонија немаме вакцини, имаме само зголемен број на заразени и за жал наши сограѓани кои што го изгубија животот во борбата со пандемијата. Затоа сметаме дека за ваквото однесување преку фантом фирми би требало да се одговара не само по однос на Кривичниот законик туку и по однос на ризикот во кој што се доведени граѓаните и јавното здравје со погрешно делување и не набавка на вакцини“, порача ?Милошоски.