Трамп не појаснува што значи бурата што се приближува, одговора „ќе видите“

Американскиот претседател Доналд Трамп продолжи во петокот и натаму да предизвикува нагаѓања по изјавата од ден претходно за „бурата“ којашто се приближува чиешто значење не го прецизираше.

„Ова е можеби затишје пред бура“, изјави во четвртокот вечерта американскиот претседател Доналд Трамп во текот на еден прием во Белата куќа во присутност на американски воени функционери со кои зборувал за чувствителните прашања, особено за нуклеарните програми на Иран и на Северна Кореја.

Оваа загадочна изјава воопшто не ја објасни, но предизвика збунетост во Вашингтон и во светот. Во петокот на прашањето што значи таквата изјава, повторно го избегна одговорот и само рече „Ќе видите“.

Претседателот Трамп треба следните денови да ја објави својата одлука од иранскиот нуклеарен договор за кој во текот на ланската предизборна кампања рече дека „ќе го искине“.

Договорот кој во 2015 година го склучија Иран со големите сили членки на Советот за безбедност на ОН: САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија треба да гарантира мирољубиво цивилно користење на иранската нуклеарна програма и прекин на програмата за збогатување ураниум до ниво коешто може да доведе до производство на нуклеарно оружје, во замена за постепеното укинување на децениските санкции за Техеран.