Тројца македонски лекари ќе се вклучат во тимот за обдукција на загинатите во автобуската несреќа

Тројца лекари од Институтот за судска медицина во Скопје се очекува во средата да му се приклучат на експертскиот тим во Софија кој ќе врши обдукција и идентификација на телата на загинатите македонски државјани во автобуската несреќа во Бугарија.

Како што соопшти во вторникот вечерта министерот за надворешни работи Бујар Османи, тројцата македонски лекари веќе се во Софија со цел да помогнат за побрзо завршување на обдукцијата.

По известување од Министерот за здравство и укажување од неговиот бугарски колега дека за нивен ангажман ќе биде потребна официјална нота од македонска страна преку бугарското министерство за надворешни работи до Обвинителството во Софија, како што рече Османи, тоа било брзо и сторено. Попладнето нотата била испратена со барање тројцата експерти на Институтот за судска медицина во Скопје да бидат дел од експертскиот тим за обдукција и идентификација на телата.

„Тоа барање е упатено конечно до Обвинителството, процедура која сепак според бугарските власти треба да се почитува и очекувам во текот на утрешниот ден Обвинителството да го одобри нивното вклучување во процесот на идентификација“, рече Османи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.