Тројца загинати, меѓу кои и едно дете, во нови руски напади врз Киев

Три лица загинаа, меѓу кои и едно дете, во руски напади врз украинскиот главен град Киев во текот на ноќта. Повредени се шест лица.

Нападот почнал во 3 часот по полноќ по локално време.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко на Телеграм напиша дека трите жртви и четворица од повредените биле пронајдени од страна на тимовите за пребарување и спасување во областа Десњански во градот.

– Сите воздушни цели што ги пресретнавме беа уништени од нашите сили и средства за противвоздушна одбрана, соопшти градската управа. Сепак, остатоците што паднале резултираа со жртви и повредени.

Според локалните власти, Русија во нападот користела крстаречки и балистички ракети.