Тројно порасна незадоволството на граѓаните од справувањето на власта со коронавирусот

Незадоволството од преземените мерки на власта расте, покажуваат резултатоте од истражувањето на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) спроведено од 2 до 5 јуни на 1.100 полнолетни испитаници во Македонија.

Компарирани се резултатите од истражувањето во април и јуни во однос на справување со коронавирсусот и јавното мислење на граѓаните за периодот на спроведување на предвремени парламентарни избори.

На прашање дали сте задоволни од досегашната работа на надлежните во справување со корона вирусот 32 отсто од анкетираните во јуни  за разлика од само 12 отсто во април одговориле негативно.

Истражувањето покажува дека за разлика од април кога 39,7 отсто од испитаниците беа задоволни од работата на надлежните во справувањето со коронавирусот, во јуни таа бројка е 17,2 отсто. Незадоволството од работата на властите исто така порасна речиси тројно – во април 12 отсто, а во јуни 32 осто одговориле дека не се задоволни од работата на надлежните.

За евентуални избори на почетокот на јули за да има целосно функционални институции се 24,8 отсто од анкетираните граѓани, а за предвремени парлементарни избори за да се намали ризикот од новозаразени и да се обезбеди поголема излезност во август или септември се 40,2 отсто од испитаниците, покажаа резултатите на анкетата на ИПИС.