Троцифрените цени на нафтата закана за глобалниот раст

На светските пазари цените на нафтата и минатата седмица, четвртата со ред, се движат околу највисоките нивоа во последните четири години, бидејќи поради најавените американски санкции се очекува пад на извозот на енергенсот од Иран.

На лондонскиот пазар минатата седмица цената на барелот сирова нафта порасна за 1,4 отсто, на 84,15 долари, а во еден момент достигна и 86,74 долари, ново највисоко ниво од ноември 2014 година. На американскиот пазар, пак, цените на нафтата скокнаа за 1,3 отсто, на 74,34 долари, исто така, највисоко ниво во последните четири години.

Од средината на август цените на нафтата скокнаа меѓу 15 и 20 отсто, што е најмногу последица на најавените санкции на САД против иранскиот нафтен сектор кои би требале да стапат на сила на 4-ти ноември. Вашингтон бара купувачите на иранската нафта сосема да го прекинат увозот на нафта од оваа земја, за Техеран да го принуди на нови преговори за неговата нуклеарна и балистичка програма, како и за неговата улога на Блискиот исток. САД во мај објавија дека излегуваат од меѓународниот нуклеарен договор меу Иран и шесте светски сили од 2015 година, со кој оваа земја се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на децениските економски санкции.

Само до неодамна Иран извезуваше околу 2,7 милиони барели дневно, што е речиси три отсто од вкупната дневна потрошувачка на сирова нафта во светот. Додека многу аналитичари сега проценуваат дека иранскиот извоз би можел да падне за милион барели дневно, па и повеќе.

„Иранскиот извоз во ноември би можел да падне под милион барели дневно. Сега се чини дека само Кина и Турција се можеби подготвени да ризикуваат од американска одмазда поради тргувањето со Иран“, сметаат аналитичарите на американската банка „Jefferies“.

Поради очекувањата дека понудата ќе падне, а побарувачката ќе остане силна поради растот на глобалната економија, цените на нафтата на половината од минатата седмица ги достигнаа највисоките нивоа во последните четири години. Меѓутоа, во вториот дел од седмицата загубија дел од претходните добивки, меѓу другото, и поради пораките од Саудиска Арабија и Русија дека ќе го зголемат производството на нафта за да го надоместат недостигот од Иран. Саудиска Арабија во моментов произведува 10,7 милиони барели дневно, а доколку на пазарот се јави потреба, е подготвена да го зголеми производството за 1,3 милиони барели, порача саудискиот принц Мохамед бин Салман.

Покрај тоа, додека повеќето земји најавуваат дека ќе го прекинат увозот на нафта од Иран, Индија мината седмица порача дека во номеври ќе купи 9 милиони барели иранска нафта. Индискиот министер за собраќај, Нитин Гадкари, порача дека неговата земја е соочена со економска криза поради огромниот увоз на нафта, при што цените се сé повисоки. Индија е третот според обемот увозник на нафта во светот, увезува повеќе од четири милиони барели нафта дневно, и заедно со Кина спаѓаат меѓу најголемите купувачи на иранската нафта.

Како натаму ќе се движат цените на нафтата, зависи од развојот на ситуацијата на пазарите.

„Цените веројатно ќе продолжат да растат над очекуваните нивоа. Кога ќе достигнат 90 долари, очекувам решителна реакција на страна на понудувачката. Големите економии нема да дозволат цените на нафтата да досегнат троцифрени бројки и да им наштетат на економскиот раст“, вели стратегот на „Commerzbank“, Карстен Фриш.

И во американската инвстициската банка „Goldman Sachs“, сметаат дека нагорниот тренд можеби нема да потрае. „Иако во моментот преовладуваат ризиците кои го поддржуваат растот на цените, фундаментите неповрзани со Иран не ја променија насоката кон повисоките цени на нафтата. Очекуваме дека фундаментите постепено ќе преовладуваат до почетокот на 2019 година кога ќе бидат активирани резервните капацитети… што наведува на заклучокот дека глобалниот пазар, во крајна линија, на почетокот од 2019 година ќе забележаи скромен вишок“, напишаа аналитичарите на банката во освртот на ситуацијата на пазарите.

Во петокот, пак, компанијата „Baker Hughes“, објави дека минатата седмица бројот на нафтените постројки во САД се намалени по четврти пат во последните пет седмици, за две постројки, на 861 што значи дека во скорешно време не може да се очекува раст на американското производство на нафта.