Тројца повредени во несреќата кај Баткова чешма

Три лица се повредени во сообраќајна несреќа што околу 18,40 часот во петокот се случила на патниот правец Делчево- Македонска Каменица, кај местото Баткова чешма.

Медицински тим на Итната медицинска помош од Делчево интервенирал во сообраќајната несреќа која се случила кај месноста Баткова чешма, по што трите повредени лица се префрлени во Здравствениот дом Делчево.

Околу 19 часот по претходен повик во Здравствен дом Делчево донесени се три машки лица. Прегледани се во Итната помош и направени се рентген снимки на местата каде чувствувале повреди. На двете лица кои патувале заедно во својот автомобил, инаку бугарски државјани, им е направена снимка на граден кош и стапало. Двете лица се пожалиле на гушење во градите и се под присмотра на лекарите. На третото лице, кое било возач на комби, направени се рентген снимки на граден кош и стомак и му се дадени понатамошни упатства од страна на лекарите, информираат од Здравствениот дом од Делчево.

На лице место на несреќата е направен увид од страна на полицијата, но од таму дополнителни информации најавија по завршувањето на целосната истрага.

Сообраќајот на патниот правец Делчево – Македонска Каменица, кај местото Баткова чешма, беше во прекин поради сообраќајната несреќа.