Тропската бура „Ана” усмрти најмалку 34 лица

Тропската бура „Ана” усмрти најмалку 34 лица во Мадагаскар и три во Мозамбик, а ја прекина струјата во Малави, соопштија денеска властите во трите земји.

Невремето, кое се формира над источниот брег на најголемиот африкански остров Мадагаскар, донесе поројни дождови кои предизвикаа поплави и свлечишта во главниот град Антананариво.

Во последниот извештај на Агенцијата за управување со катастрофи на Мадагаскар се вели дека 34 лица загинале, а речиси 65.000 останале без покрив над главата од минатата недела.

Неколку ниски населби во главниот град и понатаму се во состојба на готовност, а во текот на ноќта почна итна евакуација.

Од другата страна на Индискиот Океан, невремето во понеделникот стигна до континентална Африка, носејќи поројни дождови и силни ветрови во централниот и северниот дел на Мозамбик.

Властите во Мозамбик во вторникот соопштија дека три лица загинале, а најмалку 66 се повредени.

Според Националниот институт за управување со ризик од катастрофи, досега се погодени повеќе од 3.800 луѓе, а во текот на ноќта се уништени клиника и 16 училници.

ОН предвидуваат дека невремето ќе предизвика големи поплави, ќе раселат луѓе и ќе ја оштети инфраструктурата.

Невремето потенцијално ќе влијае на „многу ранливите популации веќе погодени од претходни природни катастрофи и конфликти во северен Мозамбик”, се вели во ажурирана информација на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања.

Владата и агенциите на ОН проценуваат дека 500.000 луѓе би можеле да бидат погодени во провинциите Нампула, Замбезија и Софала во Мозамбик.