Трудница (22 години) која почина од Ковид-19 имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда

Родилката која имаше 22 години и која вчера почина од ковид 19, имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда. Ова за медиумите го соопштија од Министерството за здравство.

Според достапните информации, оваа млада жена пред неколку дена се породила на Клиниката за гинекологија, но родила мртов плод, и нејзината состојба била исклучелно тешка и постојано била приклучена на респиратор, нагласиле од Министерството.

„Дваесет и двегодишната пациентка, ковид позитивна, на 26 ноември од ГАК е префрлена во ГОБ ‘8 Септември’ во многу тешка состојба. На Клиниката за Гинекологија била три дена поради комплицирана бременост, породен е мртов плод со царски рез. Нејзината здравствена состојба била многу лоша и пациентката за цело време била на респиратор“, вака гласи објаснувањето од Министерството за здравство.

Објаснувањето од Здравство е дека оваа млада пациентка продолжила да биде третирана на респиратор и по нејзиното префрлање во ГОБ „8 Септември“ каде била донесена во критична состојба.

„За време на лекувањето во двете институции преземени се сите мерки на интензивно лекување и покрај тоа пациентката починала на 9 декември. Таа имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда“, објаснуваат од Министерството за здравство.