Трудо под притисок на конзервативците поради ‘Џихади Џек’

Канадскиот премиер Џастин Трудо се најде во понеделникот под притисок на опозициските конзервативци, кои го предупредија дека не смее да му пружи никаква помош на Џек Летс, познат како „Џихади Џек“, по одлуката на Велика Британија да му го одземе британското државјанство.

Џек Летс, кој имаше двојно канадско-британско државјанство, изјави дека се надева оти Канада може да го извлече од заробеништвото на Курдите, каде се наоѓа околу две години, дури и доколку тоа значи да оди во затвор во Северна Америка. Станува збор за поранешен жител на Оксфорд кој се преобратил во исламот и заминал на боиштето во Сирија во 2014 година, кога имал 18 години, за да ѝ се придружи на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.

Либералите на канадскиот премиер Џастин Трудо ги поништија законот кој овозможува отповикување на државјанството за лицата осудени поради терористички дела. Таквата промена на политиката и мантрата на Трудо „Канаѓанецот е Канаѓенец е Канаѓанец“ ги поттикна противниците на овој закон да го обвинат дека е премногу мек кон проблемот на националната безбедност. Покрај тоа, случајот на државјанството на Летс само два месеца пред канадските избори не е добра вест за Трудо, бидејќи повеќето анкети покажуваат дека конзервативците се во мало водство.

Канада во неделата порача дека „нема законска обврска да го олесни враќањето на Летс“, а канадското министерство за надворешни работи соопшти во понеделникот дека неговата способноста да пружи конзуларна помош во Сирија е „извонредно ограничена“.

„Џихади Џек е во затвор, каде што и треба да остане“, изјави за Reuters лидерот на конзервативците Ендрју Шир. „Конзервативната влада под мое водство нема да мрдне со прст да го врати во Канада“, додаде.

Британската одлука за одземањето на државјанството, канадската влада во неделата го оцени како обид на Лондон одговорноста да ја префрли врз неа. Запрашан дали неговата влада ќе му помогне на семејството Летс, кое сака нивниот син да биде префрлен во Канада, Трудо го избегна директниот одговор.

„Злосторство е да се патува во странство со цел да се поддржи тероризмот или да се учествува во тероризам, тоа е злосторство кое и натаму ќе настојуваме да го процесуираме применувајќиго законот во најголема мерка. Тоа е нашата порака за Канаѓаните и за сите кои се вклучени“, истакна Трудо.