ЦИА регрутирала агенти во Гвантанамо

Дел од затворениците во Гвантанамо, уапсени по терористичкиот напад на 11-ти септември 2001 година, ЦИА ги претворила во двократни агенти, тврди „Асошиејтед прес“. Американската агенција наведува дека двократните агенти биле испраќани во нивните земји за да им помогнат на САД во откривање и елиминирање на терористи.

Иако оваа програма е завршена во 2006 година, околу десетина активни и поранешни американски претставници за „АП“ го опишале начинот на кој што функционирала програмата, а сите зборувале под услов да останат анонимни бидејќи немале овластување во јавност да говорат за тајната програма.

ЦИА на затворениците им ветувала слобода и сигурност за нивните семејства, како и милиони долари од тајните сметки на агенцијата, а тоа бил ризичен потег бидејќи високи претставници знаеле дека постои можност некој од затворениците може да се предомисли и да стане вистинска опасност за Америка.

Десетина затвореници бие проценувани, но само неколку од нив, кои потекнувале од различни земји, биле претворени во шпиони кои потпишале договор со агенцијата.

Тоа за ЦИА било прифатлив ризик во опасна работа, додека за американската јавност, која не била информирана за таа програма, тоа била една од многуте тајни активности кои Владата ги направила во нивно име.

Програмата била изготвена во таен објект оддалечен неколку стотина метри од канцеларијата на администрацијата на затворот во кубанскиот залив Гвантанамо, каде осум мали викендички биле сокриени зад гребенот обраснат во грмушки и кактуси.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.