Туџаров останува директор на Реплек, противниците обвинуваат за судир на интереси

Иван Туџаров останува на чело на фармацевтската компанија „Реплек“. На продолжението на акционерското собрание, денеска, мнозинството од акционерите гласале за одобрување на работата на Управниот и на Надзорниот одбор на друштвото што е пресврт од настаните од 8 април.

Тогаш, на Собранието на акционери мнозинството практично не ја одобри работата на членовите на двата одбори и затоа мораше да се одржи ново продолжение за избор. Сепак во меѓувреме имаше бум и значајно тргување со акциите на „Реплек“ што води до заклучокот дека предност во поседот со тоа и влијание добиле акционерите кои ги стекнале овие акции а биле од таборот на досегашното раководство. На другата страна се дел од акционерите кои ги предводи двоецот Душан и Владимир Пецовски кои управуваат со 17,7 отсто од акциите со право на глас. Тие сметаат дека со ова гласање практично како членови на Надзорниот одбор на „Реплек“ остануваат лица кои се вработени и животни партнери на директорот. По денешното гласање практично сменет е само еден член од Надзорниот одбор на друштвото, а останатите остануваат тие кои биле дел и од стариот состав.

„Повторно се гласаше за истатите точки односно за одобрување на работата на УО и на НО на друштвото. Иако минатиот пат беше изгласно против, мнозинството гласови сега беа за одобрување на работата, освен на еден член од стариот Надзорен одбор. Иако не постигнавме да назначиме нов НО кои ќе има независни членови мислиме дека барем за момент постигнавме корисна дискусија. За жал членовите на НО остануваат вработени во друштвото, нивни животни партнери и тоа е судир на интереси. Надзорниот одбор треба да ја контролира работата на друштвото, но тоа не треба да го прават лица блиски до раководството, вели за Фактор, Владимир Пецовски, поголем акционер.

На денешното продолжение на собранието, имало 2.000 гласа разлика во корист на тие кои гласале за одбрување на работата на одборите.

На 8 април не помина гласањето за одобрувањето на работата на одборите. Незадоволството се таложело со години, а ситуацијата ја зовреле последните одлуки на менаџментот кој за годинава предложи да се дели дивиденда во нето износ од 2.153 денари по акција, а награда за раководниот тим од 13,7 милиони денари. Мнозинството акционери тогаш сметаа дека во време кога компанијата остварила 25 отсто раст не требало да има намалување на дивидендата во однос на претходната 2019 година. Забележуваа и на нетранспарентноста на работењето. Сепак од тогаш до денеска очигледно се случиле акционерски промени – а секако цената на акцијата порасна во овој меѓупериод за над 15 отсто.

Во акционерската книга нема промена на акционерите кои поседуваат над пет отсто од друштвото. Заклучно со понеделеник, долгогодишниот директор Иван Туџаров поседува 11,2 отсто обични акции. Друштво за трговија и услуги Ситко Антонио Доел има 6,1 отсто, Сава Пензиски фонд има 6,4 проценти. Владимир Пецовски поседува 5,79 од акциите, Душан Пецовски 11, 92 проценти, а Славица Туџарова 11,57 отсто.

Вчера немаше интерес и за јавната берзанска аукција на која се продаваа 6,88 отсто од акциите по 135.000 денари за акција.