Туѓината пуста да остане!

Оваа колумна е мојот последен пишан став за оваа 2022 година која веќе заминува во историјата како и сите изминати мои 52 години. Затоа оваа колумна ќе биде една мала ретроспектива за 2022-ра на приватен план и туризмот, но истовремена и емотивна од причините од горе наведениот наслов, кој за жал завзема голем замав последниве години.

2022 година за мене беше искрено многу плодна година. Иако крајов не е баш за радување сепак можам да кажам дека оваа 22-ра година во „новиот милениум“ сепак беше убава и бериќетна, што би рекле по нашински. Можеби помалку пишував измината година, но за тоа беа виновни две причини.

Првата е да не ви бидам досаден, оти знам опкружени сте со премногу информации и ставови на секакви „експерти“ иако веќе многу од нас наводно „паметните“ се осудија да пишуваат (а, и како не би кога во нашава држава имаш штогоде да пишуваш), а втората причина е меланхолијата која мислам сите нас не убива во секојдневието од „Неподносливата леснотијата на постоењето“ (книга на Милан Кундера, кој ја читал подобро ќе знае што сакам да кажам).

Што се однесува до туризмот кај нас и во светот, полека но сигурно не’ раздвижува повторно после зачмаените и затворените две години од плашењето со епидимијата на Ковидот Сарс 19, кој за жал остава очигледно далекусежни последици во светската економија, но и во пост животниот циклус на нашето постоење и творење понатаму (нашироко се шират тези за последиците од вирусот по нашиот здрав организам).

И туризмот во државава полека се враќа во нормала во позитивен раст, но далеку од последните збиднувања пред епидемијата. И тоа е нормално зашто по две години изолираност, Хомо сапиенсот е створен да се движи и работи, да делува и да ужива, да гледа и прифаќа, да истражува и доживува. И покрај бедните промотивни мерки, непостоењето на национален стратешки консензус за развоен туризам, мерки од денес за утре и сите оние аномалии и предлози кои што се трудев да ги ставам и преточам во моите колумни во иминативе веќе две години, сепак задоволство е да кажам дека ниедна гранична бариера, ниедна епидемија, ниедна војна нема да не спречи да патуваме, да се дружиме и да се сакаме како никогаш порано. А, верувајте во овие моменти ни се потребни многу, посебно ова последново „Мејк лав, нот вор“ (Џон Ленон).

Она што посебно ми прави задоволство е што оваа 2022 година и покрај моето големо учество во низа меѓународни проекти, што на индиректен начин, што како посредник или помагач во апликациите, сепак оваа година два проекти се мој сопствен труд, од лично задоволство напишани, создадени и во тек е нивна реализација за доброто на нашата мила Македонија. И толку за изминатава 2022 година.

А, сега за делот за самиот наслов.

Македонците се добро познати што од икс причини, што од лично незадоволство, по печалбарството во далечните држави и отаде океаните. Има низа песни и писанија напишани и заведени за пустиот печалбарски живот (Параходот ми пристигна, Кога тргна Цвето во туѓина, Т’га за Југ, драмата „Печалбари“ од Антон Панов и др.) како и Туѓината пуста да остане, песна која ја земав како наслов и повод за денешната колумна, а моја омилена верзија е онаа од „нашиот“ Џони Штулич.

Судбината на Македонецот не е воопшто убава и наивна во изминативе два и повеќе века. Македонците порано оделе на печалба не само за да спечалат богатство, иако тоа била најчестата причина, тие бегале на печалба и од лошата политичка состојба во државата. Од постојаното повторување на војните, на окупациите, од асимилациската политика на тие што штотуку ја имале запоседнато Македонија. Бегале од „вечното враќање на истото“ во македонското постоење, бегале од македонската „историска траума“ за вечита непокорност. И денеска над нив се здале низа на отуѓувачи на нивната историја и непокор, најпрво од блиските соседи, но најтрагично е што тоа денес доаѓа од сопствената власт и држава.

Не знам за вас и вашите блиски роднини и пријатели, но знам дека еден куп моите лични роднини, пријатели и познаници кои веќе се иселија или се на пат тоа да го сторат што побрзо можат, да кинисаат од овој јад, чемер и пустош кој надвладеал над нашите глави.

Последниот таков тажен чин го направи еден мој многу близок другар кој се отсели во онаа на Бора Чорба, Нјемачка, која некогаш беше нашата окупација, а денеска е ветена и спасителна држава. Истовремено се слушам со еден мој добар пријател хотелиер, некакви си лоши вести дојдоа до мене дека хотелот го продал, велам чекај да го побарам човеков, што мака го зафатила за вакво дело да направи. Му се јавувам, покрај она првично како си другар, веднаш канонада од пцовки и лоши навреди за државата, власта, се’ живо и диво. Го слушам и му велам добро бе друже што е работава? Како бе Зоки што е, ми вели. Двата сина, двете мои деца и покрај се што им створив и оставив, ме напуштија си замина засекогаш. Едниот во потрага по поубав живот во Лондон, другиот по помирен живот во Словенија и сега што ќе правам јас со мојот живот и хотелот? Мене жалост ме опседна и немав зборови ни утеха да му дадам на пријателот, а како ли можам!?

Ах, Туѓината пуста да остане, ако некогаш пеевме песни за пустата туѓината, денеска младите едвај чекаат со песна да заминат од сопствената родна држава, од сопствениот дом, од прегратките на мајка си и татко си, некои и од сопствените деца, заради поубав и помирен живот, не поради печалбарство, не поради немаштијата, туку поради гневот од лошото владеење на сопствениот аристократ и технократ. Не сме ни свесни колку губиме сите ние, колку губи државата, фамилијата, народот, власта самата со секое одење на сопствениот народ.

И што да кажам повеќе за оваа 2022 година. Едноставно немам зборои неискажани и ненапишани, освен да не ни се повтори ваквата егзекуција на бегства во туѓината, на никому не дај боже, зашто утре моите или вашите деца ќе ги гледаме како си заминуваат и не оставаат пусти да останеме во ова наша јадна земјичка. Ете мојата желба за 2023 година нека биде само здравје и разум за подобро останување во Македонија.

Среќни и бериќетни празници! Се читаме во 2023-та.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес