Тухел наместо Нагелсман на клупата на Баерн

Германскиот фудбалски шампион Баерн од Минхен во петокот официјално објави дека ја прекина соработката со досегашниот тренер Јулијан Нагелсман и на клупата го донесе Томас Тухел.

Германските медиуми најавија промена на клупата на Баерн уште во четвртокот, бидејќи Баерн го загуби првото место во Бундеслигата по поразот со 1>2 на гостувањето кај Баер Леверкузен минатиот викенд. Во пресрет на репрезентативната пауза, Баерн заостанува бод зад големиот ривал Борусија Дортмунд, а кога ќе продолжи шампионатот следниот викенд, Баерн и Борусија ќе се сретнат во можеби клучен натпревар во борбата за шампионската титула.

Набргу по „Der Klassiker“, Баерн го чека голем дуел во четвррфиналето од Лигата на шампионите против Манчестер Сити.

Нагелсман на клупата на Баерн пристигна во летото 2021 година и веќе беше под притисок на крајот од минатата сезона откако беше елиминиран од Виљареал во четвртфиналето на Лигата на шампионите, а потоа беше спасен со титулата вогерманското првенство.

„Кога го ангажиравме Нагелсман, бевме убедени дека ќе работиме со него на долг рок, бидејќи тој ја дели нашата желба да играме успешен и атрактивен фудбал. Но сега дојдовме до заклучок дека квалитетот на нашиот тим доаѓа до израз сѐ помалку. Особено лошо и неуспешно одигравме по Светското првенство и тоа фрли сенка на сомнеж врз исполнувањето на нашите цели. Затоа дејствуваме“, изјави извршниот директор на Баерн, поранешниот голаман Оливер Кан.

„Ова е најтешката одлука што морав да ја донесам откако сум во бордот на Баерн. Со Јулијан имам отворена, пријателска врска од првиот ден. Жал ми е што мораме да се разделиме, но анализирајќи го спортскиот развој на нашиот тим, особено по јануари, решивме да се збогуваме“, додаде спортскиот директор и уште една поранешна играчка ѕведа на баварскиот гигант Хасан Салихамиџиќ.

Иако со Челзи ја освои титулата европски првак во 2021 година, во септември минатата година Тухел доби отказ од лондонскиот клуб и оттогаш е без ангажман. Пред Челзи, Тухел раководеше и со ПСЖ, со кој стаса до финалето на Лигата на шампионите во 2020 година, каде загуби од Баерн, додека во Германија ги водеше Мајнц 05 од 2009 до 2014 година и Борусија Дортмунд од 2015 до 2017 година.

Тухел потпиша договор со Баерн до летото 2025 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.