Тунис: Идентификувани телата на десет жртви (видео)

Тунис: Идентификувани телата на десет жртви

Досега се идентификувани телата на десет од жртвите на нападот, кој беше извршен вчера во Тунис, а во кој загинаа 39 лица, соопшти туниското Министерство за здравство, пренесе МИА.

– Идентификувани се десет тела, на осум Британци, на една Белгијка и на еден Германец, изјави Хауфел Сомрани, директор на службите за дејствување при кризни ситуации во Министерството.

Во меѓувреме британските туроператори „Томпсон“ и „Фрст чојс“ испратија десет авиони за да ги евакуираат своите туристи од Тунис, по нападот вчера во туристичкиот град Сус.

Британската Влада соопшти дека очекува бројот на британските жртви да се зголеми по вооружениот напад на џихадист врз хотелот „Империјал Мархаба“, за кој одговорност презеде Исламска држава.

Двата туроператори соопштија дека некои од убиените и ранетите се нивни клиенти и оти тие соработуваат со локалните власти за расчистување на случајот.

Испратените авиони ќе евакуираат околу 2.500 лица од Ел Кантави и Сус.

Туроператорите посочија дека ќе ги откажат сите патувања за Тунис за следната недела, а резервациите до 24 јули ќе можат да бидат заменети со одмори на Кабо Верде на Канарските Острови или на островот Родос.

Британскиот премиер Дејвид Камерон најави на Твитер дека ќе претседава со денешниот вонреден состанок во Лондон на владината комисија за вонредни ситуации, КОБРА.