Турбината за Северен тек 1 испратена од Канада во Германија

Турбината на германскиот производител „Siemens“ дел од гасоводот Северен тек 1 со авион е испратена во Германија по ремонтот за одржување на компанијата близу канадски Монтреал, а се очекува дека во Русија ќе биде испорачана на 24-ти јули, објави во понеделникот рускиот дневен весник Коммерсантъ повикувајќи се на добро информирани кругови.

Според информациите, првично било планирано турбината да биде транспортирана бродски, но планот во меѓувреме бил променет. Откако ќе пристигне во Германија, постројката со траект ќе биде пренесена во Финска а по копнен пат испорачана во Русија, се наведува во текстот, Според Коммерсантъ, турбината би требало да биде ставена во функција на почетокот од август, по потребните тестирања.

Канада, по бројните барања од Германија, одлучи да ја врати ремонтираната турбина на „Siemens“, којашто ја држеше извесен период повикувајќи се на антируските санкции, и откако Европската комисија утврди дека со тоа нема да бидат прекршени санкциите на ЕУ, кои не опфаќаат таква опрема. Сепак, најголем мотив беше опасноста Германија, а преку неа и други земји во ЕУ да доцнат со пополнувањето на своите гасни капацитети пред настапувањето на есента и зимата.

Враќањето на турбината од Канада во руската компресорска станица Портоваја, клучен елемент од гасоводот Северен тек 1, беше во фокусот на европските влади, бидејќи руски „Газпром“ поради тоа ги намали за 60 отсто дневните испораки на гас преку овој правец во Германија. Гасоводот во моментов е во одамна најавеното планирано годишно одржување, коешто според првичните најави би требало да биде завршено на 21-ви јули.

Компанијата оператор со гасоводот „Nord Stream AG“, „Газприм“ и руското министерство за енергетика не се огласиле на барање на Reuters за коментар во врска со транспортот на турбината, а канадската филијала на германскиот производител „Siemens Energy“ одбила да го коментира извештајот на Коммерсантъ.

Претходно во саботата од „Газпром“ соопштија дека очекуваат „Siemens“ целосно да ги исполни своите обврски при сервисирање на гасните турбини неопходни за редовно и сигурно функционирање на Северен тек 1 и испораките на енергенсот во Европа.

Откако од минатата есен експлодираа цените на гасот во Европа, континентот кој настојува да се ослободи од големиот увоз на нафта и гас од Русија, сега се соочува со намалени испораки. Сето тоа доведе до силен раст на инфлацијата, главно поттикната од сеопфатните западни антируски санкции поради војната во Украина.