Турчинов: Втора фаза за разбивање на државноста на Украина

Вршителот на должност украински претседател Александер Турчинов изјави дека сепаратистичките акции во источниот дел на земјата каде што проруски демонстранти окупираа владини објекти, покажуваат дека Русија спроведува „втора фаза од специјалната операција“ за разбивање на Украина.

Турчинов нагласи дека акциите во Харков, Доњецк и Луганск покажуваат дека непријателот на Украина спроведува „кримско сценарио“.

„Русија има за цел да ја дестабилизира Украина, да го отфрли украинското раководство, да ги попречи претседателските избори и да ја разбие нашата држава. Тоа нема да го дозволиме“, нагласи Турчинов.

Тој предупреди дека дел од сепаратистите се вооружиле и најави дека против нив ќе се преземат „антитерористички мерки“.