Турција ја повика идната влада на Шведска да преземе мерки ако сака во НАТО

Новата шведска влада сега би требало да се позанимава со безбедносните проблеми кои Турција ги изнесе во замена со укинувањето на ветото на членството на Шведска и Финска во НАТО, порача во средата турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Двете скандинавски земји поднесоа барање за членство во НАТО, под изговорот на руската инвазија во Украина, но се соочија со противењето на Турција, која ги обвинува за наметнувањето на ембаргото на извоз на оружје за Анкара поради турската инвазија во Сирија и подржувањето на курдските терористички групи, како и организацијата на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, која е обвинета за организирање на неуспешниот воен удар во јули 2016 година.

Турција го повлече ветото во текот на самитот на НАТО во јуни во Мадрид во замена, како што тогаш беше соопштено, конкретни напредоци по споменатата тема. Меѓутоа, Анкара вели дека Шведска и Финска оттогаш не ги преземале ветените мерки.

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави на брифинг за новинарите дека Турција не очекувала дека Шведска ќе ги исполни обврските пред изборите минатата недела, но сега е на потег следната влада во Стокхолм која мора да дејствува по прашањето.

„Тие знаат дека овој договор нема да го одобри (турскиот) парламент доколку не преземат (чекори)“, рекол Чавушоглу.

Шведската десничарска опозиција има тесна предност пред владејачкиот блок на левиот центар. Иако пребројувањето на гласовите сѐ уште не е завршено, социјалдемократската премиерка Магдалена Андерсон претходно во средата вечерта го призна поразот и најави дека во четврток ќе отстапи од должноста.

Трите земји потпишаа договор за укинувањето на ветото од Анкара во замена за ветувања за борба против тероризмот, но Турција порача дека ќе ги блокира кандидатурите за членство во НАТО доколку ветувањата не бидат исполнети. Турција бараше да ѝ бидат екстрадирани 73 лица од Шведска и десетина од Финска, кои се осомничени за активности против земјата.

Функционерите од трите земји во август се договорија дека ќе продолжат да се среќаваат следните месеци за да разговараат за она што ја загрижува Турција.

„Постои договор и барањата од тој договор се јасни. Тие мора да се исполнат“, заклучил Чавушоглу.