Турција ја започна воената операција во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во средата, неколку часа по разговорот со рускиот колега Владимир Путин, во раните попладневни часови го објави почетокот на воената операција во Сирија.

„Започна операцијата ‘Извор на мирот’ на турските вооружени сили заедно со (опозициската) Слободна сириска армија против Работничката партија на Курдистан и групацијата Исламска држава на северот од Сирија. Нашите цели се да се уништи терористичкиот коридор кој се прават обиди да се создаде на нашите јужни граници, како и во регионор да се донесе мир и спокојство. Ќе го зачуваме територијалниот интегритет на Сирија и ќе ги ослободиме локалните заедници од терористите“, објави Ердоган на Twitter.

Сириската државна телевизија истовремено информираше дека турската војска извршила воздушни удари врз градот Рас-ал-Ајин во северниот дел од земјата.

Турски воен извор за агенцијата Reuters ја потврдил информацијата за воздушните напади на почетокот од операцијата, и додал дека потоа ќе следи артилериски оган.

Сириските демократски сили (SDF), кои ги предводи курската милиција Единици за заштите на народот (YPG) објавија дека турските воени авиони ја гаѓале нивната област и „цивилни области“, што предизвикало „огромна паника меѓу луѓето“.

Како што соопшти Кремљ по телефонскиот разговор меѓу Ердоган и Путин од средата претпладнето, рускиот претседател „им укажал на турските парнери внимателно да ја одмерат ситуацијата за да не се нанесе штета на севкупните напори за решавање на сириската криза“.

Телевизијата Al Arabia, повикувајќи се на изјавата на раководството на самопрогласената крудска автономна администрација во Камишли, претходно во средата објави дека сириските Курди ја повикале Русија да биле гарант во нејзиниот дијалог со владата на Сирија. Оваа автономија која не ја признава Дамаск, исто така, е цел на турската операција.