Турција до НАТО: Шведска нема да се приклучи до состанокот следната седмица

Турција го известила Северноатлантскиот воен сојуз дека ратификувањето на членството на Шведска нема да биде завршено навреме за да се овозможи церемонијата на пистапување на скандинавската земја на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО следната седмиа, изјавиле за Reuters два извора запознаени со темата.

Минатата седмица комисијата за надворешна политика на турскиот парламент го одложи гласањето за кандидатурата на Шведска за членството во НАТО за да се одржат натамошни разговори на темата. Комисијата веројатно ќе ја продолжи дискусијата за ова прашање во вторник или среда, рекол еден од соговорниците на Reuters.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе се состанат во Брисел токму тие денови, 28-ми и 29-ти ноември, а некои во западниот одбренбен блок се надеваат дека овој собир ќе биде одбележен со церемонијата на пристапувањето на Шведска.

И Шведска и Финска по децениската само декларативна воена неутралност додека тесно соработуваат со земјите на НАТО во воено-индустрискиот комплекс и континуираните воени маневри, минатата 2022 година побараа прием во Алијансата, во контекстот на инвазијата на нивниот сосед Русија во Украина.

Турција уште тогаш ги изнесе забелешките на барањето на двете нордиски земји, обвинувајќи ги дека ги штитат оние лица по кои трага Анкара обвинувајќи ги за тероризам, како и поради ембаргото на овие земји за извоз на оружје за турската војска и постојаните критики на власта на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Турскиот парламент ја ратификуваше кандидатурата на Финска во април, како и Унгарија, но и двете земји ја оставија Шведска на чекање.

Анкара бара од Стокхолм да преземе повеќе чекори во зауздување, во прв ред, на активностите на членовите на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) која е ставена на листата терористички организаци на земјите членки на НАТО, како и САД и ЕУ но Шведска им дава политички азили.

Како одговор, Шведска претстави нацрт-закон против тероризмот со кој членството во терористичка организација се прогласува за незаконсло, но исто така ги укина ограничувањата за извоз на оружје за Турција. Стокхолм вели дека со тоа го исполнил својот дел од договорот поптишан минатата година, но шведските судови и натами одбиваат екстрадиција на лицата кои ги бара Анкара за тероризам, а исто така правдајќи се со слободата на говорот и изразувањето дозволува антитурски протести и јавни сквернувања на светата муслиманска книга Куранот.

За ратификација, нацрт-законот треба да биде одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи пред да биде испратен во парламентот на гласање, кое може да дојде неколку дена или седмица подоцна. Претседателот Ердоган потоа ќе го потпише како закон за да го заврши процесот, чија должина ги фрустрира сојузниците на Анкара и ги тестира нејзините врски со Западот.

Унгарија, исто така, сѐ уште не го ратификуваше членството на Шведска, но Турција се смета за главна пречка за нејзиниот пристап.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.