Турција донира 15 милиони евра за одбраната на Црна Гора

Црногорското Министерство за одбрана ќе ја искористи турската донација од 15 милиони евра за купување 80 товарни моторни возила, пренесува „Спутник“. Тоа е договорено при посетата на министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ на Министерството за национална одбрана на Република Турција на почетокот од октомври кога била потпишана спогодба за воено-финансиска поддршка од Турција за Црна Гора.

Спогодбата ае однесува на донација на средства и опрема од турските производители од одбранбената индустрија во вредност од 100 милиони турски лири (15 милиони евра), пишува црногорска „Побједа“ повикувајќи се на извори од црногорското министерство.

„Проценките се дека парите ќе бидат доволни да се обезбедат 80 возила. Проектот ќе се реализира фазно во следните пет години, а динамиката на набавка на возилата ќе зависи од одобрениот годишен фонд од страна на Турција“, велат од црногорското Министерство за одбрана.

Засега нема прецизни информации кои возила ќе бидат набавени, но според пишувањата на порталот „Балканска безбедносна мрежа“, тоа би можело да бидат возила од турската фирма БМЦ, која е водечки производител на борбени и неборбени возила за турските министерства. Црна Гора наскоро од Турција очекува и донација од 30 автоматски пушки од турско производство- 15 пушки МПТ-55 со калибар од 5,56 мм и 15 пушки МПТ-76 со калибар од 7,62 мм во вредност од 38.477 евра.