Турција ќе ја произведува руската вакцина „Спутник V“

Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ), кој заедно со московскиот научен центар „Гамалеја“ ја создаде вакцината против коронавирусот „Спутник V“, објави во саботата дека постигнал договор со водечкиот турски производител на фармацевтски препарат за производство на вакцината и оти веќе е започнат процесот на пренесување на технологијата.

„Потенцијалниот обем на произвдоството е милиони дози на вакцината ‘Спутник V’ годишно. Исто така, се разгледува за проширување на производството во иднина“, се наведува во соопштението кое го цитираа руските агенции.

Се додава дека вакцината ќе биде испорачувана и на домашниот пазар во Турција, како и во други земји. Од фондот, исто така, наведуваат дека „турските партнери покажуваат голем интерес за вакцината чија ефикасност е над 90 отсто“.

Вакцината „Спутник V“ е создадена на веќе докажаната и проучена платформа на векторски аденовирус кај луѓето и веќе има одобренија од регулаторните тела во Русија, Белорусија, Аргентина, Обединетите Арапски Емирати, Унгарија, Србија, Боливија, Алжир, Палестина, Венецуела, Парагвај и Туркменистан. Во моментов започнат е процесот на регистрација на вакцината во Европската унија.