Турција ќе го извести УНЕСКО за потезите во врска со „Аја Софија“

Турција ќе го извести УНЕСКО за промените поврзани со одлуката за пренамена на истанбулскиот музеј древниот христијански храм „Света Софија“ во џамија, изјави во понеделникот турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, а неговиот луксембуршки колега Жан Аселборн оцени дека ваквата одлука на Анкара претставува удар за Сојузот на цивилизациите.

Турскиот Државен совет, највисокото правно тело во земјата, во петокот експресно го поништи владиниот декрет од 1934 година со којашто „Аја Софија“, илјада години најголемата црква во христијанскиот свет пред да биде заземена од османлиите и претворена во џамија, станува музеј. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, потпишувајќи го указот со кој музејот станува џамија, изјави дека првите молитви ќе се одржат таму по две седмици.

По изјавата на Ердоган, од УНЕСКО во петокот соопштија дека ќе го разгледаат статусот на оваа знаменитост која е на листата на светското наследство.

Чавушоглу рече дека Анкара е изненадена од реакцијата на УНЕСКО, како и дека ќе го извести за натамошните чекори кои ќе бидат преземени во врска со „Аја Софија“, која девет векови беше византиска црква пред во XV век Османилиите да ја претворат во џамија.

„Ние мораме да ја заштитиме оставината на нашите предци. Функцијата може да биде ваква или онаква, тоа нема врска“, изјави Чавушогли за дневникот на државната телевизија TRT.

Запрашан за критиките и изразувањето на загриженост, кои доаѓаат од Грција, САД, Русија и други земји и меѓународни организации, а на кои во неделата им се приклучи и папата Франциск, Чавошоглу одговори дека одлуката за претворање на „Аја Софија“ во џамија е законска.

„Ние го почитуваме сечиј став, дури и доколку не се согласуваме со нив, но силно ги отрфламе коментарите изнесени на начин на кој се кршат суверените права на Турција“, истакна Чавушоглу.

Грција во петокот ја осуди турската одлука, порачувајќи дека таа ќе се одрази не само на односите меѓу двете земји, туку и на односите на Турција со Европската унија. Папата Франциск во неделата изјави дека е силно повреден од таквата одлука.

Лускембуршкиот министер за надворешни работи, Жан Алсенборн, во понеделникот се придружи на осудите за пренамена на „Света Софија“ од музеј во џамија. Оцени дека одлуката ќе претставува удар на односите меѓу Анкара и Брисел, но и оти ќе има таков ефект и на нензиното место во светот воопшто.

„Тоа претставува удар за Сојузот на цивилизациите“, истакна Алсенборн.

Сојузот на цивилизациите, тело кое ги поддржуваат Обединетите нации, беше основано во 2005 година на иницијатива на тогашниот шпански премиер Жозе Луис Родригез Запатери и тогашниот турски премиер Реџеп Тајип Ердоган, за да го зајакне меѓурелигискиот и дијалогот на различните култури. Неговата цел е меѓусебно да се приближат Истокот и Западот.

„Со овој гест Турција го избриша таквиот развој“, рече Аселборн во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Откако претседателот Ердоган во петокот изјави дека „Аја Софија“ повторно ќе стане џамија, објектот во саботата беше затворен за посетителите, пренесуваат медиумите додавајќид дека екипи на министерството за туризам го разгледуваат комплексот поради подготовките поврзани со промената на намената.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.