Турција го одбележува националниот празник Денот на победата

Во Турција денеска се одбележува националниот празник Денот на победата и Денот на вооружените сили, и по тој повод во земјата и во нејзините претставништва во странство, се одржуваат пригодни манифестации и собири, јави агенцијата Анадолија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, го предводи државниот врв на свечениот собир во комплексот Аниткабир, мавзолејот на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, во Анкара.

Свечен прием ќе биде организиран и во претседателската палата во Анкара.

На денешен ден, пред 97 години, турските сили предводени од лидерот на Војската и основач на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, забележаа голема победа во Битката на Думлупинар, која беше последна во Војната за независност на Турција која траеше од 1919 година до 1922 година, потсетува Анадолија.

Празникот Денот на победата во Турција се одбележува по повод сеќавање на таа битка откако е прогласена Република Турција.