Турција и натаму против влезот на Шведска и Финска во НАТО

Турција и натаму е против Шведска и Финска да му пристапат на НАТО, а позициите не се изменија ниту во сrедата доцна ноќта по повеќечасовните разговори меѓу турските, шведските и финските дипломати.

Како што пренесуваат во првичните извештаи агенциите, турските, шведските и финските дипломати пет часа разговарале околу противењето на Анкара двете нордиски земји да ѝ пристапат на Алијансата, обвинувајќи ги дека поддржуваат групации коишто ги смета за терористички и ја загрозуваат нејзината безбедност.

Портапролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, истакна по состанокот дека процесот на проширување на НАТО на двете скандинавските земји не е возможен сѐ додека биде отстранета турската загриженост за својата безбедност.

„Тие (Шведска и Финска) изјавија дека ја разбираат нашата загриженост. Им ги предочивме сите факти“, рече Калин по средбата на делегациите во Анкара.

Шведска и Финска на 18-ти мај поднесоа барање за челнство во НАТО, но Анкара порача дека условот на Турција за поддршка на приемот на двете земји во НАТО се тие да престанат да даваат поддршка на терористичките организациите како што се обележани организациите на Курдите – PKK и YPG, како и на приврзаниците на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен – FETO, движење кое Анкара го обвинува за создавање паралелни структури во државната администрација и организатор на неуспешниот воен преврат во јули 2016 година.

Во вторникот турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека на Турција ѝ е „потребен писмен договор“ со Финска и Шведска за „конкретен чекор“ на двете земји во запирањето со нивната поддршка за тероризмот.

„Беше пренесен јасен став дека без задоволување на нашата загриженост, не може да стане збор за каков и да е процес“, рече Калин за новинарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.