Турција на неодредено време ги одложи разговорите со Шведска и Финска за НАТО

Турција на неодредено време го одложи трилатералниот состанок со Шведска и со Финска закажан за февруари, изразувајќи го своето жестоко противење на неодамнешните инциденти на антитурски протести во Стокхолм одржани со дозвола на шведските власти., извести во јавната турска телевизија TRT..

Одложувањето на состанокот, кој требало да е одржи во февруари во Брисел, бил откажан по барање на Анкара, изјавил за телевизијата неименуван турски дипломатски извор. Извор од турското претседателство рекол дека Турција не го откажала, туку го одложила состанокот, без да може да каже до каде.

Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган претходно во јануари порача дека на тој состанок требало да учествува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ердоган во понеделникот порача дека Шведска не би требало повеќе да очекува од Турција поддршка за влегување во НАТО, по протестот од саботата во близина на турската амбасада во Стокхолм на кој беше запалена светата книга на муслиманите Куран, откако шведските власти му дозволија на лидерот на данската антиисламска партија Тврд одговор, Расмус Палудан да го одржи собирот.

Десет дена претходно, на 11-ти јануари во Стокхолм на речиси истата локација се одржа и протестен собир за поддршка на Работничката партија на Курдистан (PKK), која од 1980-те години води сепаратистичка војна со турската држава и е ставена на листата терористички организации на Турција, но и на САД и на Европската унија. Тогаш учесниците на протестот изведоа симболично бесење на кукла со ликот на турскиот претседател Ердоган.

Инцидентите и одбивањето на Шведска да поведе постапки против инволвираните во скандалозните собири предизвика жестока реакција од Анкара, откако претходно Турција изрази разочарување и од одлуката на Врховниот суд на Шведска од крајот на минатата година со којашто е запрено барањето за израчување на новинарот Булент Кенеш осуден во Турција за учество во дека е припадник на мрежата FETO, обвинета дека стои зад неуспешниот обид за државен удар во јули 2016 година.

Шведска и соседната Финска по децениите тесна и континуирана воена соработка со НАТО и покрај декларативната воена неутралност, во мај годинава под изговор за закана од Русија по почетокот на војната во Украина, побараа полноправно членство во Алијансата.

Нивната кандидатура поднесена во мај на вонредниот самите на НАТО во Мадрид, досега ја поддржаа 28 од 30-те членки на Северноатлантскиот сојуз, Унгарија тоа ќе го стори во февруари, а Анкара го условува приемот на Стокхолм и Хелсинки со израчување на припадниците на организациите на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД – FETO коај е обвинета за неуспешниот воен преврат во јули 2016 година и на Работничката партија за Курдистан (PKK) кои се означени како терористички организации и бара од двете земји да им го укине политичкиот азил даден на нивни членови против кои има отворено истраги или судски процеси.

До крајот на јуни се чинеше дека спорот меѓу Анкара, од една страна, и Стокхолм и Хелсинки, од друга страна, поради поддршката на терористичките организации е надминат. Турција, Шведска и Финска на самитот на НАТО во јуни во Мадрид потпишаа меморандум, но Анкара повторно се закани со блокирање на приемот на двете нордиски земји. Стокхолм и Хелсинки со него се согласија да преземат низа потези со кои ќе ги отстранат забелешките на Турција за нивите политики кои ѝ штетат на нејзината национална безбедност. Но владите на двете земји подоцна изјавија дека не се согласиле на посебни екстрадиции и дека сите барања од Анкара ќе бидат решавани во согласност со домашното и меѓународното право.

Меѓутоа, значајна улога во блокирањето од страна на Анкара има и одлуките на поедини земји членки на НАТО кои ги запреа продажбите на оружје за Турција. Конкретно Финска и Шведска имаат ембарго врз испораките на оружје за Турција поради нејзината копнена инвазија против курдските милиции во северна Сирија, Единиците за заштита на народот (YPG) кои ги смета за сириско крило на PKK а се вооружувани и обучувани од САД и чија припадничка е обвинета за терористичкиот напад во ноември во Истанбул во кој загинаа шест лица.