Турција незадоволна од заклучоците на самитот на ЕУ, ги оцени како незадоволителeн чекор

Турското министерство за надворешни работи реагираше во петокот дека одлуките усвоени на самитот на челниците на Европската унија кој започна во четвртокот во Брисел, а кои се однесуваат на Турција, се далеку од тоа дека ги содржат очекуваните и неопходните чекори.

Во писмената реакција на одлуките усвоени на самитот, се наведува дека Турција направила повеќе отколку што ѝ следува во контекст на намалувањето на тензиите, интензивирање на дијалогот и соработката. Во соопштението е коментиран и новиот пакет финансиска помош од Унијата.

„Новиот пакет финансиска помош на ЕУ не е насочен кон Турција, туку кон сириските бегалци и тој всушност претставува чекор кон обезбедување на благосостојба и безбедност на Унијата. Сведувањето на соработката во областа на миграцијата исклучиво на финансиска основа е голема грешка. Би било корисно за сите да постои интензивна соработка на ова поле,“ се порачува во соопштението.

Министерство за надворешни работи, исто така, нагласува дека одлуките од самитот на лидерите на ЕУ во врска со Кипар се само повторување на грчките ставови и дека ЕУ продолжува да ги игнорира кипарските Турци и нивните права.

Исто така, се додава дека со инсистирање на такви позиции, ЕУ нема да може да даде конструктивен придонес во решавањето на кипарското прашање.

„Во тој контекст, уште еднаш ја повикуваме ЕУ конечно да ја увиди реалноста на островот Кипар, да ги признае правата на кипарските Турци и да ги исполни ветувањата дадени во 2004 година“, се заклучува во соопштението од Анкара.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.