Турција: Продолжување на преговорите за НАТО со Шведска и Финска на 9-ти март

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во понеделникот изјави дека разговорите со Шведска и Финска за нивните кандидатури за членство во НАТО ќе продолжат на 9-ти март, откако беа прекинати во јануари поради антитурските протести и палењето на Куранот во Стокхолм.

Турција претходно го откажа трилатералниот механизам со Шведска и Финска за нивните обиди за влез во НАТО, откако Расмус Палудан, шеф на данската екстремно десничарска политичка партија Тврда линија, запали примерок од светата муслиманска книга Куранот пред турската амбасада во Стокхолм во јануари, а една седмица претходно во близина на истата локација прокурдски активисти обесија наопаку кукла со ликот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

„Моите колеги ќе присуствуваат на состанокот што ќе се одржи на 9-ти март“, рече Чавушоглу на прес-конференција во Анкара, додавајќи дека средбата ќе се одржи во Брисел.

Меѓутоа, истакна шефот на турската дипломатија, Шведска сè уште не ги исполнува своите обврски од меморандумот потпишан на самитот на НАТО во Мадрид минатиот јуни, иако генералниот секретар на НАТО и другите сојузници рекоа дека Стокхолм ги променил своите закони.

„За жал, не видовме задоволителни чекори од страна на Шведска во спроведувањето на Мадридскиот меморандум. Не можеме да кажеме ‘да’ на кандидатурата на Шведска за НАТО пред да ги видиме овие чекори“, рече Чавушоглу.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО минатата година по децениската блиска соработка со Алијансата и покрај декларираната воена неутралност, наоѓајќи изговор во руската инвазија во Украина, но се соочија со неочекувани приговори од Турција, особено од Шведска.

Анкара ги обвинува двете земји, а особено Стокхолм, дека има дава политичко засолниште на лицата коишто во Турција се бараат за тероризам, во прв ред припадници на Работничката партија на Курдистан (PKK) која од 1980-те години води сепаратистичка војна со турската држава, како и на приврзаниците на движењето FETO на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД, обвинето за неуспешниот воен преврат во јули 2016 година. Анката побара нивна екстрадиција како чекор кон давање зелено светло за членството на Шведска во НАТО.

Соединетите држави и другите земји од НАТО се надеваат дека двете нордиски земји ќе станат членки на алијансата на самитот на НАТО на 11-ти јули во литванскиот главен град Вилнус.

Иако Анкара сигнализираше дека може да го одобри влезот на Финска во Алијансата, таа не даде никакви гаранции дека дотогаш ќе даде зелено светло за кандидатурата на Шведска.