Турција со обвинение против седум лица за бегството на Карлос Госн

63

Турските обвинители поднесоа обвиненија против седум лица, наводно, вмешани во бегството на поранешниот претседател на јапонската автомобилска компанија „Нисан“ Карлос Госн од Јапонија во Либан преку Истанбул.

Според Би Би Си, четворица пилоти и шеф на една авиокомпанија се обвинети за „криумчарење мигранти“, а уште двајца членови на екипажот се товарат дека не го пријавиле кривичното дело.
По обвиненија за финансиска проневера, Госн е уапсен во ноември 2018 година во Токио, по што мина неколку месеци зад решетки и во куќен притвор.

Иако беше под надзор 24 часа на ден, тој избега во Бејрут на 29 декември минатата година.
Седуммината обвинети беа уапсени на 2 јануари, а претставник на турската Влада тогаш изјави дека неговата земја не била известена за пристигнувањето на Госн во или заминување од Турција.

Турската авиокомпанија МНГ џет објави дека два од нејзините авиони биле користени нелегално во таа пригода и за тоа поднела кривични пријави.

Деталите за спектакуларното бегство на Госн од Јапонија сè уште не се целосно разјаснети, но се знае дека, негирајќи дека извршил какво било кривично дело додека управувал со „Нисан-Рено-Мицибуши“, тој инсистираше на тоа дека во земјата нема да има правично судење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.