Турција врти нова страница, има поволни услови за преговори со Грција

Турција смета дека моментално се поволни условите за повторно преговарање со соседна Грција, членка на НАТО, откако турскиот брод за сеизмички тест Оруц Реис ги напуштил спорните води на истокот на Средоземното море, изјави во четвртокот портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин, објави Ројтерс.

Двете европски земји се во жесток спор околу спротивставените тврдења за површината на нивната континентална плоча и можноста за истражување на потенцијалните извори на енергија во источниот Медитеран. Тензиите избувнаа минатиот месец кога Турција го испрати Оруц Реис во спорните води, за кои и Грција и Кипар тврдат дека се нивни.

Во неделата, Оруц Реис се врати во јужната турска провинција Анталија за, според Анкара, „рутинско одржување“, а Грција тоа го нарече позитивен прв чекор во ублажувањето на тензиите. Двете земји започнаа комуникација во НАТО за да избегнат воени инциденти во регионот по помалиот поморски судир минатиот месец.

Говорејќи на онлајн панел, Калин истакнал дека враќањето на Оруц Реис може да се смета како можност за унапредување на разговорите и дека „не треба да се троши залудно“, додавајќи дека Анкара се надева дека ова ќе биде „позитивно гледано“ на самитот на ЕУ 24 и 25 септември.

Вртење нова страница

„Ние сакаме да видиме како се врти нова страница во односите меѓу Турција и Грција, но исто така и во односите меѓу Турција и ЕУ. Се надеваме и веруваме дека климата е погодна за тоа и мислам дека постигнавме разбирање кога станува збор за тоа кои чекори треба да ги преземеме во следните неколку недели за да ги продолжиме разговорите“, изјавил портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во средата, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу соопштил дека одржувањето на Оруц Реис може да трае „неколку недели“, повикувајќи се на податоци од Министерството за енергетика, но додал дека бродот ќе продолжи да работи по извршениот сервис.

Лидерите на ЕУ ќе се осврнат на ова прашање на самитот подоцна овој месец и ќе ги проценат можните санкции. Германија сака повеќе време да преговара со Турција, додека Франција, Кипар и Грција бараат казна за Анкара.

Турција распореди два истражувачки брода во близина на поделениот остров Кипар, според Ројтерс, истакнувајќи дека Никозија е долго време во спор со Анкара во врска со дупчењата и потрагата по нафта и гас. Турција ги признава кипарските Турци на северот на островот, но не и меѓународно признатата влада на кипарските Грци.