Турција го купи рускиот ракетен систем С-400

74

„Без оглед каква одлука за санкции ќе донесат САД, без оглед која изјава ќе дојде од нивна страна, ние веќе ги купивме С-400ките“, рече денеска министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на прес-конференцијата со својот колега од Руанда, д-р Ричард Сезибера. „Сега зборуваме за тоа кога С-400ките ќе бидат испорачани во Турција. Не е можно да се откажеме од купувањето на С-400“, посочи тој.

Потсетувајќи на неодамнешните чекори на САД за отстранување на Турција од програмата за ловците Ф-35, Чавушоглу рече дека двете прашања немаат врска едно со друго и дека другите партнери во програмата Ф-35 не ги поддржуваат чекорите на САД.

„Сите одлуки треба да се преземаат со консензус“, рече министерот, повторувајќи дека Турција исто така е партнер во програмата и дека има дадено голем придонес. Турција е една од деветте нации предводени од САД што го реализираат проектот Заеднички ловец заедно со Обединетото Кралство, Италија, Канада, Австралија, Холандија, Данска и Норвешка.

Поранешниот министер за одбрана на САД, Патрик Шанахан, го информираше својот турски колега дека учеството на Турција во програмата Ф-35 ќе престане на 31 јули ако Турција ги распореди руските С-400 на својата територија.

„Ваквите чекори преземени од страна на САД не се во согласност со договорот за партнерство ниту со законот“, рече Чавушоглу, додавајќи дека Вашингтон не се согласил со ниту еден од предлозите на Турција за решавање на спорот.

Тензиите меѓу двете земји ескалираа во последниве месеци, откако Турција почна да се подготвува да го купи рускиот напреден ракетен одбранбен систем С-400, за што Вашингтон рече дека ќе ја загрози улогата на Турција во програмата Ф-35 и дека може да предизвика санкции.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.