Турција ја продолжува вонредната состојба

Турција идната седмица ќе го разгледува новото седмо продолжување на вонредната состојба за уште три месеца, и доколку парламентот го потврди таквиот предлог, земјата ќе биде во ваков режим две години.

Турската телевизија NTV и провладиниот веснил Sabah објавија во петокот дека Советот за национална безбедност и владата треба следната седмица да одлучат за предлогот за продолжување на вонредната состојба, а парламентот за него би требало да гласа во среда.

Околу 50.000 луѓе се приведени, а околу 150.000 други ги загубија работните места во јавните служби, образованието, правосудството, полицијата и армијата по указите кои беа објавени по прогласувањето на вонредната состојба. Тие се осомничени за припадност на движењето на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД, кое е обвинето за создавање на „паралелна држава“ во Турција и организирањето на неуспешниот воен преврат од ноќта на 15-ти јули 2016 година.

Покрај тоа, владата во Анкара вели дека вонредната состојба е воведена и поради војната против тероризмот, откако Турција беше погодена од неколку голем терористички напади, бунтот на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), како и војните на турските граници во Ирак и Сирија.

Западните земји редовно изразуваат загриженост поради практиката на апсења и отпуштања од работа на десетици илјади луѓе, и ја повикува турската влада да ги укине овие мерки и да преземе конкретни чекори за воспоставување на владеење на правото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.