Турција објави за 14 мртви и 130 ранети во операцијата во Сирија

Турскиот министер за здравство изјави во петокот дека 14 турски војнци и припадници на бунтовничката Слободна сириска армија (FSA), која ја поддржува Анкара, се убиени, а 130 други се ранети во турската воздушна и копнена операција „Маслиново гранче“ во северниот сириски регион Африн.

Во изјавата за новинарите по посетата на ранетите, турскиот министер за здравство Ахмет Демирџан, изјави дека тројца турски војници и единаесет борци на FSA досега се убиени во судирите во северна Сирија. Додаде дека 130 лица се префрлени во турските болници и 82 лица се пуштени по укажаната лекарска помош. Ниеден од повредените не е во критична состојба.

Минатата сабота Турција ја започна офанзивата против курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) која ја поддржуваат САД, а којашто Анкара ја смета за опасност по својата национална безбедност на својата граница и поврзана со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK). Регионот Африн сириските Курди го заземаа во 2012 година по повлекувањето на сириската регуларна армија, а потоа и по протерувањето на џихадистичките организации.

Поради операцијата односите меѓу САД и Турција дополнително се затегнаа и во телефонскиот разговор од средата вечерта меѓу претседателите Доналд Трамп и Реџеп Тајип Ердоган, според соопштенијата на нивните кабинети, размениле предупредувања за „ризикување конфликт“ на теренот меѓу силите на двете најголеми војски во рамките на НАТО.

Дестици борци и повеќе од 24 цивили досега се убиени во турската офанзива, соопшти опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), чиешто седиште е во Лондон а е формирана непосредно пред почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година. За Опсерваторијата, Русија повеќепати посочи дека ја претставува само еден човек, Рахман Абделрахман, кој за западните медиуми е претставуван како нејзин директор, а е всушност слабо образован сопственик на сириски ресторан во британската престолнина. SOHR тврди дека на теренот во цела Сирија има широка мрежа од свои активисти во болниците, бунтовничките групи, локалните власти и владините безбедносни структури кои доставуваат информации.

Турската војска соопшти дека убила најмалку 343 курдски милитанти во северна Сирија од почетокот на операцијата пред шест дена. Сириските демократски сили (SDF), во коишто доминираат YPG, кои се обучувани и вооружувани од САД под изговор за борба против Исламската држава, велат дека Турција го преувеличува бројот на мртвите.