Турција повторно порача дека не се откажува од руските С-400

Турција нема да се откаже планот оваа година од Русија да го купи ракетниот противвоздушен систем С-400, порача повторно во средата турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Пред состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Вашингтон, Чавушоглу рече дека Турција не може да да биде принудувана да избира меѓу Западот и Русија, предупредувајќи дека примерот со судирот во Украина покажува каде тоа може да одведе.

„Купувањето на системот С-400 е решена работа“, порача Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија минатиот петок рече дека на земјата ѝ се потребни ракетни системи и потсети дека на потпишувањето на договорот со Русија се одлучиле откако Турција беше одбиена од западните сојузници и откако Анкара под нивен притисок го раскина договорот за заедничко производство на одбранбени воздушни системи со Кина.

Договорот меѓу Анкара и Москва ги вознемири турските сојузници во НАТО, особено САД. Американскиот Стејт департмент претходно седмицава ги суспендирапе испораките на делови за ловците од типот „F-35“ на Турција.

„Доколку Турција го набави системот С-400, продолжувањето на нивното учество во програмата F-35 ќе биде доведено во прашање“, порача Пентагон.

Во јуни минатата 2018 година американскиот Сенат ја усвои својата верзија од нацрт-буџетот за 2019 година. Таа предвидува запирање на учеството на Турција во производствената програма на петтата генерација американски борбени авиони од моделот„F-35“, поради нејзините намери да набави руски противвоздушни ракетни системи од типот „С-400“. Меѓу другите причини за ваквата одлука, американските претеници го истакнаа и приведувањето од турските власти на американскиот државјанин Ендрју Брансон.

Турција во споменатиот проект учествува задно со уште осум земји. Нејзиниот удел во развојот требаше да изнесува околу 11 милијарди долари. Од оваа сума Анкара во проектот веќе вложи околу 800 милиони долари, а во замена за тоа САД требаше да ѝ испорачат сто авиони.

Односите меѓу Анкара и Вашингтон се влошија откако Турција и Русија во декември 2017 година потпишаа договор за кредит за набавка на противвоздушните ракетни системи С-400. Анкара ќе купи две батерии од овој систем, коишто ќе ги опслужува исклучиво турски персонал. Двете земји, исто така, се согласија и за технолошка соработка во развојот и производството на С-400 во Турција.

Највисоките претставници на САД и на НАТО повеќепати ја критикуваа Анкара за оваа зделка. Така, помошникот американски државен секретар Вес Мичел, предупреди дека набавката на С-400 може негативно да се одрази на испораките на американските борбени авиони „F-35“ за Турција. Во Анкара тогаш одговорија дека во таков случај, ќе купат ловци од други земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.