Турција распоредува војници во Катар

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го одобри законот за распоредување турски војници во Катар, давајќи ѝ поддршка на оваа земја во Персискиот залив којашто претходно седмицава е изолирана од другите сунитски муслимански земји во регионот кои ја обвинуваат за наводна поддршка на тероризмот.

Турскиот парламент ги поддржа предлог-законот за испраќање на војниците во Катар во средата, а кабинетот на претседателот на земјата во четвртокот доцна ноќта соопшти дека Ердоган го одобрил. Законот е објавен во турскиот службен весник во петокот и со тоа е целосно завршена постапка за негово усвојување и стапување на сила.

Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати во понеделникот последователно објавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, обвинувајќи го дека ги поддржува терористичките организации како Ал Каеда, Исламската држава и Муслиманското братство.

Катар соопшти во четвртокот дека не е подготвен да ја менува својата надворешна политика, за да го реши спорот со другите арапски држави во Персискиот залив, како и дека „никогаш нема да се предаде“.

„Не сме подготвени да се предадеме и никогаш нема да бидеме подготвени да се откажеме од независноста на нашата надворешна политика. Никој нема право да интервенира во нашата надворешна политика“, истакна катарскиот министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани за новинарите во Доха.

По првичното разместување на турските војници во воената база во близина на Доха, исто така, ќе бидат испратени и бобрени авиони и бродови, пишува интернет изданието на турскиот дневен весник Hurriyet.

Следните денови во Катар ќе отпатува турска делегација за да направи процена на ситуацијата во базата во којашто во моментов се сместени 90 турски војници. Турскиот весник наведува дека според планот би требало да бидат успратени 200 до 250 турски војници во Катар во рок од два месца, и тоа во првичната фаза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.