Туристички работници бараат министерот да преговара со Грција, сметаат дека таму се заглавени нивните пари

Туристичкиот сектор е крајно револтиран од изјавата на Министерот за економија, Крешник Бектеши кој денеска рече дека македонската влада нема да преговара билатерално со грчката влада, по примерот на српската, бидејќи Македонија не сака да ги загуби домашните туристи за летната сезона.

Според туристичките агенции нормално е државата да сака да има што поголем број на туристи во земјава, но тие, како што велат, очекуваат да ги вратат парите кои се заглавени во нереализираните аранжмани на граѓаните во странство и Грција и го прашуваат министерот дали има некакво решение за тоа.

„Туристичките агенции сите ваучери ги доставија до Министерство за економија. Најголемиот дел од тие ваучери се за нереализирани аранжмани за лето 2020 во Грција. Сакале или несакале парите на агенциите и граѓаните се во Грција, па токму поради тоа државните институции, а посебно Министерство за економија треба да помогне за истите да се реализираат, а не категорично да одбиваат преговори и соработка со Грција за решавање на ова витално прашање за опстанок на туристичките агенции. Министерство за економија ја има вкупната сума која е потребна да се обештетат граѓаните за нереализираните патувања за Грција, па доколку не се во можност да ги реализираат истите ова лето агенциите очекуваат МЕ да го реши обој проблем“, пишува во реакцијата..

Според нив, ситуацијата е многу загрижувачка, со немање стратегија за масовна вакцинација во државата, тоа се одразува најмногу на здравјето на граѓаните, а потоа на економијата, особено на нашиот сектор.

– Навистина се прашуваме како државата планира да има развој на домашен туризам, кога никој во државава не е вакциниран?! Па така може веднаш да заклучиме дека со ваквата ситуација нема да имаме ни странски туристи, а и нашите домашни туристи ќе бидат во дилема дали воопшто да пропатуваат па макар и по нашата држава! – велат туристичките агенции.

Тие бараат под итно стратегија која ќе го реши проблемот со неискористените ваучери, ќе преговара со сите релевантни фактори во странските држави, особено со Грција, за која дестинација најповеќе се заглавени нашите средства, за можност за патување со негативен ПЦР тест, тест за антитела, антигени, било кој начин но да се има избор. Граѓаните да имаат избор, а не да бидат оставени да чекаат до 31.12 што ќе се случува со ваучерите.

Друга дополнителна трагедија за нашиот сектор е доцнењето на донесување на одлуката за помош со плати, која е најпотребна во периодов.

– Втората плата требаше да се исплати а сѐ уште не е добиена за февруари, а и март помина. Овој сектор е сеуште со пад на промет над 90%, се размислува ли за помош и решавање на овој проблем или само ќе се одолговлекуваат проблемите?!Доколку не се решат овие проблеми во најбрз рок, овој сектор повторно ќе излезе на протести! – велат туристичките работници.