Туристичките агенции не сакаат кредити, туку финансиска помош за плати

Како е можно кога по една година тотален колапс на туризмот, во време кога не знаеме дали во наредните три месеци ќе имаме егзистенција, бидејќи нема подобрување на повидок, да добиваме кредити наместо помош?, прашуваат туристичките агенции по изјавата на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи дека во петтиот пакет мерки финансиската поддршка за плата да биде заменета со бескаматни кредити.

Тие се соменваат дека и овој пат како и во претходните пакет мерки нема да можат да ги исполнат условите и да добијат кредит.

– Повеќе од половина туристички агенции се одбиени во претходните објавени мерки за аплицирање за кредит поради неверојатните услови кои беа поставени за нивно добивање, а сигурно исти такви услови ќе се воведат сега. Кога треба кредитот да го добијат сите и тоа се гледа како мерка за помош, треба да се скратат условите или воопшто да ги нема освен, нормално, падот на прометот, кој во овој сектор е над 90 проценти. Помош со бескаматни кредити, не е помош кога има услови, и треба сите да имаат можност да го користат. Исто така, правното лице без разлика дали имало негативен исход на крајот на годината, треба да може да ја добие помошта – велат од туристичките агенции.

Според нив, финансиската поддршка за плата се покажа како една од најдобрите мерки на државата за спас на работните места кои дадоа надеж дека ќе се преживее и со тие минимални примања кои не се доволни за да се опстои, но, сепак, значеа сигурност и спокој за вработените додека да дојде момент повторно да се функционира.

-Сега туризмот е оставен на милост и немилост. Нема можност за работа, границите се затворени, никој воопшто не го покренува прашањето за преговори за отворање на границите до летниот период за да може секторот сам да се опорави за да не му е потребна помошта од државата, додаваат агенциите и апелираат веднаш да се врати финансиската исплата на плати во новиот пакет – велат тие.

Туристичките агенции се задоволни од грантовите и финансиската помош во 2020 година, но тоа, велат, мора да има континуитет.

– Грантовите беа во вредност од 1500 до 7000 евра, а во просек најнискиот трошок на една туристичка агенција за режиски трошоци без покритие на плати е 18.000 евра. И доколку се навратиме на тоа дека падот на прометот е над 90 отсто, како да се покријат овие трошоци? Грантовите помогнаа, но не можеме да кажеме дека беа доволни за овие компании сега сами да ги покриваат трошоците за плати. Наместо да се разгледува проблемот зошто одредени компании што имаа вработени на определено месец, два и три, а не ги отпуштија, туку договорот им завршил и од таа причина беа изземени од помошта за плати, овој пат да бидат земени предвид за финансиска помош за плати, се прекинува. Туристичкиот сектор смета дека државата не сака да дозволи овој сектор да згасне. Кога ќе се врати ситуацијата во нормала со работа и плаќање даноци овој сектор ќе помага во полнење на буџетот, а што доколку се остави да згасне – велат Агенциите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.