Туризмот една од носечките гранки на прилепската економија (ФОТО и ВИДЕО)

338

Туризмот полека, но сигурно, станува една од примарните и носечки гранки на економијата во Прилеп. Големиот број културни и спортски манифестации кои се одвиваат тука преку целата година придонесуваат Прилеп, после Скопје и Охрид да биде третиот град во Македонија по бројот на посетeност на туристи. Иако Прилеп нема море, езера или пак национални паркови во својата близина, сепак градот го пронајде својот успешен рецепт за привлекување на туристи, а тоа е развој на фестивалскиот и ткн алтернативен спортски туризам.

Карневалот „Прочка“, фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“, фестивалот на Балкански изворен фолклор, театарскиот фестивал „Војдан Чернодриски“, Мариовско – Мегленските средби, Џез фестивалот, ликовните колонии, Прилепското културно лето и секако најголемата фестивалска атракција на Балканот – Пиво фестивалот, се само дел од манифестациите кои преку целата година се случуваат во градот под Марковите кули и ги задоволуваат буквално сите вкусови на публиката.

 

Нема град во Македонија, па и во поширокиот регион, кој преку годината има ваква богата културна понуда. Сите овие културни манифестации и фестивали во изминатиов период се максимално поддржани од локалната самоуправа која посветува огромно внимание за развојот на фестивалскиот туризам кој моментално е вистински хит и тренд во светот и кој носи голем економски бенфит за државите кои го развиваат.

Освен фестивалскиот туризам Прилеп во последните години го развива и спортскиот туризам. Градот прерасна во Центар за развој на екстремните спортови во регионот. Се изгради ново полетувалиште за параглајдери во близина на манастирот Трескавец. Прилеп стана вистинска хит дестинација за развој на болдерингот. Токму поради овој спорт Прилеп секоја година е посетуван од неколку илјади странски љубители на искачувањето по карпи.

Тука треба да се напомене и планинскиот ултра маратон „По стапките на Крали Марко“, кој лани беше со должина од 90 км. Планинскиот велосипедизам и повеќето вакви велосипедски тури кои се организираат тука се само уште една од можностите кои ги нуди овој регион за дружење и одлична забава на сите посетители.

Хајлајнот или одењето по трака на голема височина е само уште една од низата новитети во екстрените спортови кои започнаа да се развиваат во Прилеп, а овој спорт за прв пат беше претставен пред публиката кај манастирот Трескавец. Исто така новина се и downhill трките, односно спуштање низ планина со велосипеди. Трките се одвиваат кај месноста „Топташ“.

На Мото Крос стазата кај Лагово секоја година се натпреваруваат стотици љубители на брзото возење крос мотори, а лани тука за прв пат се одржа и првото македонско трофи со џипови на кое учествуваа 120 чесници од повеќе држави. Се планира во иднина ова место да прерасне во современ мото комплекс каде би се изградиле уште и картинг патека, пеинт бол игралиште како и угостителски комплекси кои ќе ги опслужуваат гостите.

Друг начин со кој Прилеп ги привлекува посетителите е развојот на т.н. манастирски туризам. Токму за развој на овој вид на туризам локалната самоуправа, Министерството за култура и Владата на РМ во последните неколку години направија големи инвестиции во оваа област. За прв пат во историјата се изградија асфалтни патишта до манастирските комплекси, Трескавец, Зрзе, манастирот Св. Димитрија во с. Селце, како и манастирот Св. Никола во с. Манастир во Мариово. Манастирот Зрзе доби комплетно нови конаци, инвестицијата за обнова на целиот овој комплекс чинеше околу 92 милиони денари. Моментално активно се работи на изградба на опожарените конаци на манастирот „Трескавец“, инвестиција која треба да чини околу 120 милиони денари, а проектот треба да заврши до крајот на 2018 година. Нови конаци добија манастирот Св. Архангел Михаил во населбата Варош, инвестиција вредна околу 13 милиони денари, како и манастирот Свети Никола во селото Манастир во Мариово. Токму поради овие големи инвестиции манастирскиот туризам во Прилеп доживува вистинска ренесанса и е во голем подем.

Фестивалите, културните и спортски манифестации, како и манастирите се главниот адут со кој Прилеп ги привлекува туристите од целиот свет. Годишно Прилеп го посетуваат неколку стотини илјади туристи. Токму поради тоа се зголеми и бројот на хотелски капацитети во градот, како и бројот на луѓе кои издаваат соби и апартмани. Локалната самоуправа со несмалено темпо ги поддржува овие настани и инвестира во нив.

Краен бенефит од ова секако е развој на локалната економија, развој на чаршијата и угостителските објекти. Годишно по основ на туризам во Прилеп влегуваат десетици милиони евра.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.