Туризмот и угостителството, како и текстилната и автомобилска индустрија очекуваат спроведување на сеопфатни мерки за поддршка за излез од кризата предизвикана од Ковид-19.
Студиите за состојбите во овие три сектори направени од страна на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива покажуваат дека автомобилската индустрија по огромните падови во првите два квартала од годинава полека закрепнува, но оти сценаријата за излез од кризата ќе зависат од глобалната состојба со пандемијата и од соодветните мерки за поддршка. Во туризмот и угостителството забележан е мал пораст во третиот квартал, но поради мерките за ограничување на работењето, се очекува повторно тие да се соочат со пад на приходите поради што неопходно е мерките да се насочат и кон преквалификација на дел од вработените. Препораките за текстилната индустрија се да продолжат мерките за поддршка бидејќи овој сектор не ќе може да опстане само од шиење маски и заштитна опрема.
Професорот Дарко Лазаров од Универзитетот „Гоце Делчев“ на денешната инфосесија посочи дека резултатите од направените интеврјуа со претставници на компаниите од автомобилската, металната и машинската индустрија укажуваат на делумна поделеност за тоа дали досегашните мерки биле доволни за справување со кризата.
– Како позитивни мерки кои се посочуваат се субвенционирање на платите, обезбедување поволни кредитни линии, намалување на увозните давачки за некои производи и некои други мерки за зголемување на конкурентноста во услови на криза. Но, она што се забележува и укажува од нивна страна е потребата од целосно спроведување на сите најавени мерки кои се во насока на поддршка на компаниите, особено извозно ориентираните компании, истакна Лазаров.
За туризмот и угостителството препораките се дека се потребни системски решенија и продолжување на поддршката.
– Конституирање на Комитет за туризам како владино тело од највисок ранг претставува потреба од највисок степен која ќе значи надминување на пречките за развој на туризмот особено во кризни ситуации, односно потврда на заложбите за развој на туризмот и воопшто економијата доколку го земеме предвид потенцијалот на туризмот како индустрија која може да обезбеди повеќекратно повисоки приходи во буџетот од оној во 2019-та година, истакна туризмологот Кристијан Џамбазовски.
Текстилната индустрија, пак, забележува драстичен пад на нарачките во третиот квартал, а направените анализи покажуваат дека новиот пакет мерки, односно Законот за финансиска поддршка на плати, нема да биде корисен за овој сектор.
– Компаниите во септември пријавија пад од неверојатни 50 проценти на нови нарачки што ги стави во недоумица како понатаму да работат и како да се преструктуираат за да останат ликвидни. Дел од компаниите заради неизвесноста од периодот кој следува, а воедно заради нејасно дефинирана содржина на најавените мерки се одлучија за намалување на бројот на вработени, иако беа свесни дека долгорочно тоа може да влијае негативно на понатамошните активности на компанијата. И додека вториот и третиот пакет на мерки допре до текстилната гранка и голем дел од загрозените компаниите ги искористија субвенциите за да поделат плати на вработените, според изјавите на компаниите, новите пакет мерки односно Законот за финансиска поддршка на плати речиси воопшто нема да биде корисен за текстилниот сектор, истакна Наташа Сивевска, извршна директорка на ТТА – Текстилен кластер на денешната инфосесија.
Заклучоците и препораките од студиите и предлозите од бизнис секторот ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог за да се креираат мерки кои ќе ги ублажат последиците.
Инфо-сесијата се одржа во рамки на активностите на Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, кој го спроведуваат Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Стопанската комора на северозападна Македонија, со ЕПИ ЦЕНТАР како имплементатор, и со поддршка на УСАИД.