Турканици за платежните картички во Куманово, полицајци воведуваат ред

Корисници на различни социјални трансфери од Куманово изминатиов период, секојдневно доаѓаат пред Центарот за социјални работи и бараат информации како да се запишат на списоците за користење на платежна картичка.

Граѓаните се туркаат пред просториите на објектот, па од вчера, надлежните од установата побарале асистенција од СВР Куманово за да не се создава метеж пред објектот и да се заштити здравјето на граѓаните. По најавувањето на овие мерки за ублажување на последиците од коронакризата сериозно е зголемен интересот кај граѓаните за начинот на остварување на оваа бенефиција.

-Поради големиот интерес се создаваат сериозни турканици особено во утринските часови, така што побаравме секојдневна асистенција од МВР за да се воведе ред поради заштита од коронавирусот и максимално да се почитуваат  препораките за носење макска и држење физичка дистанца, изјави директорката на установата, Александра Арсовска.

Наскоро во Центарот ќе бидат отворени дополнителни два шалтери, најави Арсовска, едниот во просториите за детска заштита (спроти поранешна Печатница) и вториот на споредниот влез од установата.

-Барателите ќе можат да добијат секаква информација, вели Арсовска.

Граѓаните најмногу прашувале како да се запишат на списоците за користење на платежна картичка, како банката ќе им ја доставува картичката, некои имале различна адреса од наведената во документите, некои немале телефон за контакт.

Од Центарот појаснија дека остануваат можностите граѓаните да се информираат и преку фиксен телефон и мобилен дежурен телефон.

МИА