Турската централна банка ги подигна каматните стапки

Турската централна банка значително ја подигна референтната каматна стапка од 17,75 на 24 отсто, за да ја скроти инфлацијата и да ја поддржи домашната валута која годинава бележи големи загуби. Монетарниот одбор на Турската централна банка ја подигна стапката и покрај изјавите на претседателот Реџеп Таип Ердоган во која се спротистави на зголемување на каматите.

Турската лира почна да се опоравува набрзо после оваа објава на банката. Претходно во текот на денот, лирата падна за 3 отсто во однос на доларот.

Централната банка во соопштението наведува дека локалното стопанство слабее, а инфлацијата расте. Зголемувањето на каматната стапка би можело и понатаму да го ограничи растот, но независните аналитичари сметаат дека тој потег е неопходен за да се скроти инфлацијата од околу 18 отсто и да се поддржи домашната валута.

Ердоган уште еднаш го повтори своето противење на високите каматни стапки и тоа само на неколку часа пред да биде објавено важното соопштение што го најави Централната банка на Турција.

Ако кажете дека инфлацијата е причина, а каматните стапки резултат , тогаш не ја знаете својата работа, рече Ердоган. Лирата што во раните утрински часови стагнираше , по изјавата на претседателот падна за 2,5 проценти.

Ердоган за падот на националната валута ја обвини економската војна што се води против Турција , смета дека најновите проблеми се последица на манипулации. Тој ги критикуваше и приватните банки кои ги зголемија каматните стапки и на 50 проценти.