Турската економија порасна во вториот квартал

Турската економија повторно пораснала во второто годинешно тримесечје, иако малку побавно отколку во првиот квартал годинава кога излезе од рецесија, покажаа во понеделникот објавените прелиминарни податоци на статистичкото биро.

Во периодот од април до јуни турскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал според сезонските и календарски прилагодени податоци за 1,2 отсто во однос на претходните три месеца кога според ревидираните податоци е зголемен за 1,6 отсто.

Во третиот и четвртиот квартал минатата 2018 година, турската економија на тримесечно ниво се намалила за 1,4 односно 2,8 отсто, што значи дека влегла во рецесија.

На годишно ниво, активностите во периодот од април до јуни годинава според календарски прилагодените податоци се намалени за 1,4 отсто. Неприлагодените податоци покажуваат пад на економските актвности за 1,5 отсто во однос на истиот минатогодишен период. Во првото тримесечје се намалени со 2,4 отсто.

Потрошувачката на домаќинствата во споменатиот период од април до јуни паднала за 1,1 отсто во однос на истиот минатогодишен период, додека државната потрошувачка пораснала за 3,3 отсто. Бруто инвестиции во фиксниот капитал потонале за 22,8 отсто. Извозот во разгледуваниот период е зголемен за 8,1 отсто, додека увозот се намалил за 16,9 проценти, известува бирото за статистика.