Турски коментатор доби отказ поради натпревар на Мундијалот, изговорил забрането име на фудбалер

Спортскиот коментатор Алпер Бакирчигил доби отказ по преносот на натпреварот од 3. коло на Светското првенство во Катар помеѓу Канада и Мароко.

Бакирчигил е новинар на турската ТРТ, а поради кажување име и презиме на поранешен турски фудбалер, на натпреварот Канада-Мароко доби отказ.

Зборувајќи за статистиката за најбрзите голови на Мундијалите, спортскиот новинар истакна дека лидер е поранешниот репрезентативец Хакан Шукур. Поранешниот турски стрелец ја затресе мрежата на Јужна Кореја на Светското првенство во 2002 година по само 11 секунди. Подоцна ја предводеше Турција до третото место на Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја.

Поранешната ѕвезда на турскиот фудбал се проба и во политичките води, а сега заработува како возач во САД.

Фудбалската кариера ја направи во Галатасарај и репрезентацијата за која на 112 настапи постигна 51 гол, беше најплатен турски фудбалер, а настапуваше и за Торино, Интер, Парма и Блекбурн.

Но, тој е голем неистомисленик на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој освен што го обвини за „тероризам“, побара и негова екстрадиција од САД, каде што живее Шукур.

Ердоган му нареди на турскиот фудбалски сојуз буквално да ја избрише легендата од сите архиви.