Турски тек ќе му носи на Газпром половина милијарда долари годишно

216

Гасоводот Турски тек кој официјално беше пуштен во експлоатација во средата, на руската енергетска компанија „Газпром“ ќе му носи околу 500 милиони американски долари годишно, изјави за агенцијата РИА заменикот на директорот на Националниот фонд за енергетска безбедност, Алексеј Гривач.

„Доколку се потпираме на бројките за проектираниот капацитет на новите цевководи кои ги претстави земникот на управниот одбор на Газпром, Фамил Садигов, Турски тек ќе сочинува третина од вкупната добивка на Газпром“, рекол Гривач.

Кон средината на декември, Садигов изјави дека гасоводите Турски тек и Северен тек 2 заедно и со полни капацитети, би можеле да ја зголемат добивката на „Газпром“ пред каматите, даноците и амортизацијата (EBITDA) за повеќе од 1,5 милијарди долари годишно.

Гасоводот Турски тек се состои од два паралелни цевковода, секој со капацитет од по 15,75 милијарди кубни метри гас годишно. Едниот е наменет за снабдување со руски гас на потрошувачите во Турција, а вториот за земјите од јужна и југоисточна Европа.

Минатиот викенд бугарската гасна компанија „Булгартрансгаз“ извести дека „Газпром“ од први јануари започнал со испораки на гас преку Турски тек за Бугарија, Грција и Македонија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.