Турски тек наполнет со гас

„Газпром“ го довршил полнењето на гасоводот Турски тек со природен гас, во пресрет на пуштањето во работа кое се очекува до крајот на годината, соопштија од споменатиот руски енергетски гигант.

Постапката за ставање во функција и пуштање на гасоводот во погон е во завршна фаза, а со работа треба да започне пред крајот на 2019 година, велат во објавата од „Газпром“.

Гасоводот Турски тек, кој дојде како замена за напуштениот проект Јужен тек, има два паралелни цевковода, а преку него ќе се транспортираат 31,5 милијарди кубни метри руски гас годишно во Труција и Европа.

„Двата цевковода од Турскиот тек се наполнети со гас“, извести „Газпром“ и додава дека се приведува кон крајот постапката за покренување и пуштање во погон на примениот терминал во Турција.

„Газпром“ го изгради подморскиот дел од гасоводот по дното на Црното Море, а турскиот партнер „Botas“ го изгради копнениот дел во Турција. Продолжетокот на цевководот, кој ќе доставува гас во јужна и југоисточна Европа преку Бугарија, ќе го изгради заедничката компанија „Botas-Gazprom“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.