Турскиот Државен совет дозволи „Аја Софија“ да биде претворена во џамија

Државниот совет на Турција го поништи декретот на турската влада за прогласување на статус на музеј за истанбулскиот храм „Света Софија“, пренесе во петокот телевизијата CNN Turk.

Со оваа одлука, турските власти добиваат законска можност од музеј некогашниот најголем храм на христијанскиот свет „Аја Софија“ да го претворат во џамија.

Во моментов не е познато од кога објектот ќе почне да се користи како муслиманско светилиште, што претпоставува повторно прекривање на откриените стари и вредни за целото човештво фрески, икони и животописи.

Претходно турскиот Државен совет на 2-ри јули го разгледуваше барањето за промена на статусот на „Света Софија“ на состанокот кој траел само 17 минути.

Најавите за намерата „Аја Софија“ да биде повторно претворена во џамија предизвика гласни реакции и загриженост која ги изразија и УНЕСКО; Грција, САД и Русија, како и други меѓународно организации и земји. И покрај тоа, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во пресрет на објавувањето на одлуката дека Анкара има право да дејствува без да се ги зема предвид ставовите на другите земји, повикувајќи се на некои истражувања според кои 70 отсто од Турците сакаат „Аја Софија“ да биде џамија.

„Света Софија е знаметост на светското наследство. Многу држави, што кулминираше со интервенцијата на американскиот Стејт департмент, тоа го нагласија, повикувајќи ја Турција да не презема чекори кои би создале огромен емотивен раздор мешу Турција и христијаните во светот“, изјави минатата среда портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео минатата седмица ја повика Турција да го задржи статусот на „Света Софија“ како музеј и да осигури како и во текот на изминатиот речиси еден век да биде достапна за сите. И Цариградскиот патријарх Вартоломеј, предупреди дека претворањето на поранешната соборна црква во џамија би создал јаз меѓу Истокот и Западот.

„Света Софија“ е довршена во 537 година во времето на царот Јустинијан во тогашен Константинопол, престолнината на Визанитското царство. Во следните 900 години била најголемиот христијански соборен храм до падот на градот под Османлиската империја во 1453 година, кога е претворена во џамија.

Творецот на современата турска држава Мустафа Кемал Ататурк во 1935 година ја пренаменува во музеј, кога по указ на владата повторно се откриени фреските и живописите. Таа одлука турскиот совет ја оспорува правно, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган го поддржува претоврањето на оваа знаменитост под заштита на УНЕСКО повторно во џамија, а недоамнешните анкети покажуваат дека со тоа се согласува мнозинството во Турција која сѐ повеќе го губи секуларниот карактер.